Судот во Германија, денеска го прифати барањето за екстрадиција на поранешниот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон во Шпанија, врз основа на шпанското обвинение за злоупотреба на јавни средстава, објави Ројтерс.
Според обвинението поднесено од шпанското Обвинителство, Пуџдемон е обвинет за бунт, поттикнување бунт и за злупотреба на државни средства во врска со организацијата на референдумот за независност на Каталонија лани во октомври, кој Уставниот суд на Шпанија го прогласи за неуставен и противзаконски.
По референдумот, централните власти во Мадрид ја укинаа автономијата на Каталонија и ги распуштија регионалните органи на власта – Владата и Парламентот, по што Пуџдемон и неколкумина членови на неговата Влада побегнаа во Белгија.
Пуџдемон беше приведен на 25 март при влез од Данска во Германија, на пат за Белгија, каде престојуваше од октомври минатата година, по референдумот за незавиност на Каталонија.