Нотирани се бројни неправилности во АКМИС системот – 860 предмети биле заташкани

Користењето на информатичкиот систем за автоматска прераспределба на предмети (АКМИС) во голема мерка не функционирало, односно во распределувањето на предметите решавал човечкиот фактор, открива извештајот на Работната група формирана од Министерството за правда.

 

Актуелната министерка Рената Дескоска го објави извештајот на групата вчера и од него се гледа дека во Основен суд Скопје 1 (Кривичен суд), освен во 2013 година, не се правел годишен план за управување со движењето на предметите во судовите и спречување на создавање и намалување на нерешени предмети. Поради тоа дури 860 предмети не биле завршени, се констатира во извештајот за увидот извршен на 26 октомври минатата година, кој јавноста го дознава дури сега.

 

Во овој суд, инаку, завршија речиси сите случаи на Специјалното јавно обвинителство и тамошните судски совети решаваа за прифаќање на обвиненијата од СЈО.

 

При средбата со работната група, тогашниот в.д. претседател Стојанче Рибарев кажал дека во огромен дел распределбата на предметите се вршела рачно, односно како што тој го нарекол тоа „дупли АКМИС“. Тој на 3 јули минатата година формирал работно тело за управување со движење на предметите во Судот. Претходно немало такво нешто, но и откако Рибарев формирал своевидна комисија, не бил формиран Годишен план за управување со движењето на судот, ниту се донесени внатрешни процедури.

 

Работната група формирана од министерот за правда утврдила дека грубо била повредена и процедурата за донесување на Годишниот распоред за работа на Судот и тој бил често менуван.

 

Така, често одредени предмети се префрлале од еден на друг судија, а поради честото менување на годишниот распоред за работа, бил ограничен изборот на судии на кои автоматски ќе им се прераспредели предмети. Но честопати, како што се напоменува на повеќе места во извештајот, распределувањето сепак не било компјутерски, туку рачно.

 

Како што утврдила работната група, некои судии биле исклучувани од автоматската распределба на предмети по основа на известувања за отсуство по различни основи, најчесто во времетраење пократко од пет дена. Но и во овие случаи немало писмена одлука со наредба и образложение, туку само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување. Уписниците најчесто се правеле на хартија, а електронските се речиси празни.

 

Работната група формирана од Правда препорачува веднаш да се преземат мерки за целосно да профункционира АКМИС-системот и да се зајакнат контролите.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien