Германски средношколци во еднонеделна посета на Прилеп

Во следните седум денови, Прилеп ќе биде домаќин на триесетина ученици од училиштето за средно стручно образование и занимања „Јорг Церн“ од Уберлинген, Сојузна Република Германија.

 

Покрај дружењето со средношколците од СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, кои ќе бидат нивни домаќини, учениците од Германија ќе учествуваат во санација на германските воени гробишта во Прилеп.

 

Како што изјави Хуберт Хобс, професор во средното училиште во Уберлинген, тие веќе 23 години одат во различни држави од Источна Европа, со задача да ги посетат и санираат тамошните германски воени гробишта.

 

 

„Целта ни е не само да учествуваме во реставрација, или малку да им помогнеме на луѓето кои се задолжени за одржување на воените гробишта во земјите во кои што престојуваме, туку нашите ученици да бидат прифатени од ученици од местата кои ги посетуваме, во случајов од Прилеп. Идејата е повеќе да се дружиме, со цел воените дејствија кои порано се случувале повеќе да ги нема, бидејќи иднината на Европа е поинакво гледање на работите, односно негување на мирот, слободата и меѓусебното разбирање. Оваа акција ја работиме во соработка со Здружението за грижа на германските воени гробишта од нашата земја, кои го поддржуваат и поттикнуваат овој начин на соработка“, вели професорот Хуберт Хобс.

 

Посакувајќи им добредојде и пријатен еднонеделен престој во Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски рече дека заедничкото дружење и вклученост во проект што значи грижа за германските гробишта, е за почит, од причина што германските воени гробишта, како светилиште на загинатите борци од Првата светска војна, треба на сите да им служи како опомена дека војните носат само несреќа и зло.

 

„Тие треба да бидат како една напомена дека не смее да има војна, затоа што тоа е зло за целото општество, воопшто. Сите проблеми и недоразбирања треба да се решаваат со компромис и преговори и ситуацијата да биде вин-вин за спротивставените страни. За време на вашиот престој ќе посетите повеќе дестинации, бидејќи Прилеп има што да ви понуди, од музеи, манастирски комплекси и друга туристичка понуда“, истакна градоначалникот Јованоски.

 

Професорката по германски јазик во СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ во Прилеп, Мануела Котеска, напомена дека завршната манифестација ќе се случи на 23 јули, на германските воени гробишта во Прилеп. Тоа, како што истакна Котеска, ќе се одржи кратка церемонија како круна на заедничката работа, која во изминатите две недели се случувала на германските воени гробишта во Битола и Прилеп, а на која што ќе присуствуваат претставници од локалната самоуправа и од амбасадата на Сојузна Република Германија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien