ВИДЕО – Чудните закони на македонската социјална држава

Државата во мај годинава и ја укинала постојаната парична помош на 63 годишната Јагода Дамеска од Прилеп со образложение дека двете нејзини деца, синот и ќерката, се вработени и можеле да ја издржуваат. Дамеска вели дека ова е вистински апсурд бидејќи ќерката не живее во Прилеп туку во струмичко Турново, а ниту синот десетина години не живеел со неа. Дамеска живее сама во една викендица, надвор од Прилеп.

 

 

„Како прво децата не живеат со мене, тие се Турново, јас овде. Живеам сама во 4 ѕида, в поле сама, страв трпам, дали ќе преживеам од денеска до утре не се знае“, вели Јагода Дамеска, поранешен корисник на постојана парична помош.

 

Дамеска се бори со карцином на матката од 2009 година, а боледува уште од неколку други сериозни болести и не е во состојба да работи ништо.

 

„Боледувам од карцином на матка, примав хемотерапии и зрачења, сега сум со контрола. Освен тоа имам остеопороза, спондилоза, тахикардија на срце, хоп на плуќа, дијабетичар и маснотии во крвта. Епа не можам да се справам со се“, вели Дамеска.

 

Сега за живот и остануваат само околу 4.000 денари кои ги добива како право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.

 

„Што ќе правам сега јас, дали можам овие лекови да ги подигнам, месечно давам само за лекови над 1.000 денари. Плус користам памперси, без нив неможам никаде да одам, ниту чаршија, ниту кога одам на лекар“, вели Дамеска.

 

Од Центарот за социјална работа во Прилеп велат дека според законот децата биле должни да се грижат за своите родители доколку имаат услови за тоа, а приходот кој во моментов го остварувале синот, ќерката и мајката го надминувал законскиот лимит и затоа Дамеска не добивала парична помош, без разлика што живеела одделно од децата. Исто така Дамеска не го известила Центарот во законскиот рок од 15 дена дека зетот и ќерката се вработиле, промени, кои влијаат врз остварувањето на ова нејзино право.

 

„Мене душата не ме боли, не сакам јас да си ги видам внуците и децата, ама неможам, со кои пари“, рече Дамеска.

 

Дамеска упатува повторно апел до државата да го преразгледа нејзниот случај затоа што во моментов немало кој друг да и помогне.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи