Над 400 „Бели шлемови“ евакуирани од Сирија

Facebook
Twitter
Email
Print

Властите во Израел соопштија дека евакуирале членови на сириската граѓанска група „Бели шлемови“ од воената зона во југозападниот дел на Сирија. Над 400 волонтери и нивните семејства се однесени во Јордан преку ноќ низ Голанската висорамнина, која е под израелска окупација.

 

„Белите шлемови“ се опишуваат себеси како хуманитарни работници кои спасуваат луѓе од воените предели во Сирија.Поддржувачите на сирискиот претседател Башар Ал-Асад и неговите руски сојузници велат дека „Белите шлемови“ се бунтовници и дека се поврзани со џихадистички групи.

 

Од Израелските одбранбени сили велат дека акцијата ја спровеле по барање на Америка, Велика Британија и европските нации.

 

„Белите шлемови“ останаа заглавени во југозападна Сирија, во близина на границата со Голанската висорамнина по напад од сириската војска. Нападот, кој започна во јуни, донесе голем број договори кои доведоа до евакуација на бунтовничките сили од областите Дераа и Ќунитра во регионите на север. „Белите шлемови“ работат само во подрачја под контрола на бунтовниците, иако велат дека се непартиски.

 

Планот бил да се евакуираат 800 „Бели шлемови“ и нивните семејства, но само 422 успеале да бидат пренесени поради заканата од Исламската држава. Израелските власти соопштија дека „завршиле хуманитарни напори за спасување на припадници на сириската цивилна организација и нивните семејства”, велејќи дека постои „непосредна закана за нивните животи”.

 

Нивното официјално име е Граѓанска одбрана на Сирија и започна во почетокот на 2013 година како организација на волонтери од сите сфери на животот, вклучително и електричари и градители. Нивната главна задача наскоро стана спасување на цивили во воени зони веднаш по воздушните напади. Оттаму велат дека ги спасиле животите на повеќе од 100.000 луѓе за време на граѓанската војна.

 

„Белите шлемови“ добија пофалби низ целиот свет, беа номинирани за Нобеловата награда за мир во 2016 година и беа предмет на документарен филм на Нетфликс и Би-Би-Си.

 

Но, владата на Сирија и нејзиниот сојузник Русија ја обвинија групата дека е поврзана со џихадистичките групи. Претседателот Асад рече дека користат „хуманитарни маски и чадори само за да спроведат одредена агенда”.

 

Групата е финансирана од јавни донации, како и од странски влади.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи