Филипче го поништи контроверзниот тендер „тежок” 36 милиони евра

Facebook
Twitter
Email
Print

Поради забележани недостатоци во документацијата, тендерот за набавки на реагенси тежок 35 милиони евра, денес беше поништен од страна на Министерството за здравство. Одлуката за тоа дојде откако јавноста жестоко реагираше по информацијата дека фирма непозната во оваа област е единствениот понудувач на тендерот.

 

Сепак, министерот Венко Филипче, денеска негираше дека одлуката за поништување на тендерот не ја донел под притисок.

 

„Интензивно во овој период работевме на евалуација на понудата и првичната евалуација укажа на тоа дека постојат одредени недостатоци во документацијата и поради тоа решивме тендерската постапка да ја прекинеме. Притисок апсолутно немаше, се увиде дека има пропуст во документацијата, но, во исто време сметаме дека е некоректно и дополнително раѓа сомнеж кога има само еден понудувач во оваа тендерска постапка“, рече министерот Филипче.

 

Филипче вели дека министерството ги разгледува четирите приговори кои пристигнаа од оператори, а се однесуваат на одредени делови на постапката. Пациентите, вели, не се загрозени. Тој очекува за период од три години со централизираната набавка да се заштедат од 8 до 9 милиони евра во споредба со парите што досега се трошеле за таа намена. Токму заштедата, смета Филипче, го оправдува централизирањето на набавката.

 

„Со централизирањето најмногу ќе се заштеди на најскапите анализи. Тие не треба да се прават насекаде оти има лаборатории што прават една-два анализи месечно, а отвораат шише реагенс, количина со која може да се направат 20 анализи. Остатокот од реагенсот се фрла. Ние овој модел го правевме заедно со биохемичари со големо искуство, кои укажаа на недостатоците на сегашниот систем“, рече министерот Филипче.

 

Министерот ги повика фирмите кои работат во оваа дејност, да ги намалат цените на реагенсите. Во меѓувреме засега не се знае кога повторно ќе биде распишан поништениот тендер.

 

Јавноста го оцени како скандалозен тендерот за набавка на реагенси кога беше објавено дека се јавила само една фирма, регистрирана безмалку во исто време кога беше отворен техничкиот дијалог за тендерот во април годинава. Единствениот понудувач е фирмата „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ, сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а како директор во Македонија се наведува Александар Јовановски – Жути. Единствен контакт со компанијата, наведен во Централен регистар, е zuti45@yahoo.com. Седиштето на компанијата е на иста адреса со канцеларијата на Филип Медарски, адвокатот на премиерот Зоран Заев, но Медарски демантира дека има некаква поврзаност со „АХР лаб“ увоз – извоз ДООЕЛ и нагласи дека на истата адреса има уште неколку адвокатски канцеларии.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи