ВИДЕО – И по 17 години не е изграден споменик на загинатите бранители кај Карпалак и не се исполнети сите нивни барања

Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп започна одбележувањето на 17 годишнината од трагичниот настан кога кај месноста Карпалак за време на конфликтот во 2001 година од страна на терористите на 8 август беа убиени 10 мина прилепчани. Ацо Јованоски – Реган е еден од преживеаните, вели дека се уште и по 17 години голем дел од барањата на бранителите не биле исполнети, ниту пак бил изграден споменик за нив каде тие загинале.

 

 

„И после 17 години останува тагата и болката за изгубените наши прилепски бранители, односно прилепски херои. И утре исто така ќе ги положиме цвеќето и венците на банкината на автопатот. Владата ветуваше многу, не само минатата, и сите претходни влади, дека ќе го решат проблемот со бранителите, но за жал и ден денеска не е решен. Сите на тоа име си прават дневно-политички маркетинзи. Барањето е решавање на многу статуси, нивното вработување, нивното пензионирање, фамилиите на загинатите, исполнување на сите оние ветувањата што беа, меѓутоа пола од тоа што е ветено за бранителите не е исполнето, за жал нема ништо од тоа“, изјави Ацо Јованоски, возач на запалениот автобус кај Карпалак.

 

Менка Секулоска, мајка на загинатиот бранител Пецо Секулоски, порачува оваа војна никогаш да не се повтори.

 

„Тажни години, жални години, нивните места кај и да поминуваме, сето е празно. Ги нема нигде и никаде. Тажни сме и ден денеска. Да не дозволиме тоа нешто да се случи повеќе“, рече Менка Секулоска, мајка на загинатиот браниител Пеце Секулоски.

 

 

Националниот координатор на Владата за бранителите Стојанче Ангелов истакна дека со амнестијата од 2001-ва и толкување на законот од 2008 била затворена секаква можност за истраги и за одговорност.

 

„Со амнестијата од 2001 година е разрешено прашањето за одговорност. Со автентичното толкување на законот за амнестија од 2008 година затворена e било каква можност за било какви истраги поврзани со 2001 година, така што илузорно е било кој да очекува истрага, односно утврдување на некои конкретни моменти околу тоа кои се извршителите, иако е општо познато кои се извршителите на овој грозоморен чин. Но 17 години подоцна ние треба да гледаме во иднината. Сведоци сме дека и на Балканот и во Европа имаше држави кои што имаа многу поголеми непријателства и многу драстично поголем број на жртви, па денес тие држави градат добрососедски односи и одат напред. Истото треба да го направиме и ние“, истакна Стојанче Ангелов, нациионален координатор на Владата за бранителите.

 

Присутните ја посетија и спомен собата посветена на 10-те прилепски херои.

 

„Ние не потклекнуваме. Трагизмост во настаните ќе го посочуваме во спомените и на страниците на историјата, која што на поколенијата ќе им ги пренесува сликите на настаните, но и доблестите и родољубието на чуварите и бранителите на сопствените огништа“, кажа потполковник Славчо Кузманоски, заменик на командантот на гарнизонот Прилеп.

 

 

Од Општина Прилеп рекоа дека во иднина ќе се заложеле за потребите кои ги имале семејствата на бранителите од 2001-ва.

 

„Мојата заложба е да им се помогне, колку се може во нашата надлежност и можност, да им излеземе во пресрет на членовите од семејствата на бранителите“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Одбележувањето од касарната продолжи кај спомен обележјето во манастирот Света Петка кај село Лениште, а утре ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на бранителите во центарот на Прилеп.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи