Општина Прилеп : Сите новоостварени вработувања во Општина Прилеп се реализирани согласно со закон

Градоначалникот Илија Јованоски и Општина Прилеп работат согласно со сите регулативи во државата, во сите сегменти на своето досегашно работење, од доаѓање на новата локална власт. Рекоа во денешната реакција од Општина Прилеп, која доаѓа по пресот на О.К. ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Сите новоостварени вработувања во Општина Прилеп се реализирани согласно со закон, а едукацијата, способноста, ажурноста, креативноста, одговорноста и посветеноста во работата се критериумите за избор на новите кадри.

 

Непотизмот, партиските вработувања и повеќегодишното продолжување на договорите за работа на одредено време со цел да се одржува константно „гласачката машина“ беа манир, токму на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Оттука разбирливи се пресовите на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, кој што на овој начин се обидува да го „купи“ вниманието и најде оправдување за резултатите од изборното фијаско, верувајќи дека политичкото огледало има исто лице.

 

Но, не e така! Граѓаните гласаа промени. И добија промени.

 

Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски, со новиот тим на ангажирани кадри, успева да ги зајакне капацитетите на Општината и во чекор ги реализира најавените проекти од изборната програма.

 

Имено,  за десетина дена ќе биде ставен во функција Дневниот центар за церебрална парализа. По Скопје, Прилеп е првиот град во Македонија којшто отвора ваков, современ, според сите европски стандарди, центар за социјализација на децата со церебрална парализа.  Овој проект, за потсетување, е дел од Изборната програма на градоначалникот Јованоски.

 

Во секојдневните информативни содржини, градоначалникот Јованоски и Општина Прилеп впрочем информираат за тековните проекти: „Гасификација на Прилеп“, уредување на  нова детска градинка, по отворањето на „Рампо Левката“, проектот „Маркови кули-заштита и делување“, како дел од Програмата „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, што ја спроведува УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, а финансиски поддржана од ИПА фондовите на Европската Унија и други.

 

Популизмот не е манир на новата локална гарнитура и градоначаланикот Јованоски, токму затоа без јавна помпа, ефектите од новините ги чувствуваат граѓаните.

 

Прецизност, посветеност во работата и строго почитување на работното време и законот. Тоа е мотото на градоначалникот Јованоски. Така ќе биде до крајот на мандатот. Тоа го знаат сите вработени во Општина Прилеп, коишто се крајно изненадени од овој начин на работа, несвојствен за претходната локална гарнитура“

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи