Заев во Стразбур: Пред нас е историска шанса да бидеме нова членка на ЕУ и НАТО

Facebook
Twitter
Email
Print

Како прв македонски премиер кој се обратил на македонски јазик, премиерот Зоран Заев на пленарната седница на Европарламентот се заблагодари за поддршката пред референдумот и за помошта во реформите потребни за влез во европското семејство, кое, како што рече, ќе биде гарантот на македонската иднина.

 

Ќе зборувам на македонски јазик, на мојот мајчин јазик, зашто тука се чувствувам како дома, рече премиерот Зоран Заев на почетокот на своето обраќање пред европратениците на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

 

„Ова е прв пат еден македонски премиер да зборува на македонски јазик во Европскиот парламент, но сепак имам чувство како да сум како дома и толку ми е пријатно да бидам во домот на нашето европско семејство“, рече Заев и заблагодарувајќи им се на европратениците за поддршката што изминатиот период ја даваа за претстојниот референдум за Договорот со Грција.

 

Тој истакна дека македонскиот народ е на историски крстопат, пред историски предизвик и убеден е дека оваа шанса ќе биде искористена.

 

„Уверен сум дека народот во Македонија таа шанса ќе ја искористи. тоа е нашиот влез за ЕУ и НАТО. Народот го поддржува членството во ЕУ и европските вредности. Нашите млади луѓе сонуваат за европска иднина. Сега одлучуваме за нашата иднина и да го заокружиме членството во НАТО и ЕУ. Го остваруваме сонот на европска Македонија. Верувам дека нашите граѓани на 30 септември ќе гласаат за Европа, за посилна Европа, за единство и поголема стабилност во регионот. И оваа покана да говорам денеска пред вас е силна поддршка за нашиот европски пат“, рече Заев.

 

Премиерот се осврна и на договорот со Грција од Преспа, опишувајќи го како одличен модел за решавање на чувствителни идентитски прашања, кој може да се употреби и во други региони.

 

„Тоа беше силна мотивација за нас со што создадовме модел за одржлива заедница на пријателство. Уште со референдумот за независна Македонија сонувавме за иднина во слободно и отворено општество. Не сакаме да бидемеизолирани од останатиот дел од светот. Сакаме просперитет, правда, безбедност и сигурност, сакаме крај на политичките репресии и на сиромаштијата. Сонувавме да бидеме дел од европското семејство. Земјите од Балканот припаѓаат на ЕУ. Перспективата за членството во ЕУ е мобилизирачки фактор за успешно спроведување на реформите и справување со предизвиците. Направивме напредок, но сѐ уште не е доволно. Соништата не се оствариле, можеме да направиме подобро. Се бориме да не бидеме изолирани. Имавме конфликти со нашите соседи, но нашите визии се подобрата иднина. Нема да се откажеме. Свои на своето, земја почитувана членка на меѓународната заедница. Правиме сѐ за да ги постигнеме стандардите на ЕУ. Ги знаеме препораките, тоа се нашите приоритети. Знаеме дека имаме уште долг пат, но вашиот поттик ни дава силна мотивација да продолжиме со европската агенда. Членството во ЕУ ќе донесе многу предности кои ќе ни овозможат да ја зајакнеме економијата, која оди нагоре, стапките се зголемуваат, ќе имаме подобро здравство, образование, инфраструктура. Знам дека од нас зависи, а ние ќе ја дадеме нашата лојалност, со вистинска страст за ЕУ, која за нас значи многу повеќе отколку само раст. ЕУ за нас значи да живееме во општество каде владее правото, има подобри судови и во кое правдата е еднаква за сите. Уште кога имав 17 кога години сонував да бидеме дел од европското семејство, а сега 27 години подоцна шансата ја имаме во раце“, рече Заев.

 

Проследен со неколку аплаузи, македонскиот премиер го продолжи обраќањето со осврт на претстојниот референдум, за кого рече оти верува дека ќе биде успешен и дека граѓаните ќе гласаат за Европа.

 

„Референдумот претставува реална можност да станеме 30 членка на НАТО и постепено, поглавје по поглавје, членка и во ЕУ. Ова е референдум за иднината на нашата независност со историски димензија како и референдумот за независноста. Верувам дека нашите граѓани ќе гласаат за Европа, за посилна Европа, за единство и поголема стабилност во регионот“, кажа Заев.

 

Претседателот на европарламентот Антонио Тајани му се заблагодари на Заев и рече: „ја имате нашата поддршка за стабилноста на Балканот“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи