ВИДЕО – „Малите општини против евроскептицизмот“ – трибина во Крушево

„Малите општини против евроскептицизмот“ беше насловот на трибината која два дена се одржуваше во Крушево, а  на која учествуваа 50-тина учесници од  Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија и Португалија. Проектот го реализираат ЛАГ Агро Лидер во соработка со општините Крушево и Кривогаштани. Главната цел на овој проект е да се отворат дебати и секој да може да си го каже своето мислење во однос на тоа дали е ЗА или ПРОТИВ Европската Унија.

 

 

„Проектот трае 19 месеци, ова е трета дебата која што се случува. Првата беше во Португалија, каде што имаше претставници од општините, потоа имаше дебата во Романија со претставници на младинските организации, оваа трета дебата се случува тука во Крушево, во Македонија, за да може македонските граѓани да си го кажат своето мислење и наредната, последна дебата, ќе биде Словенија, а дополнително ќе биде одбрана целта и насловот на таа дебата. Во проектот се вклучени : Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Португалија, имаат различно ЕУ искуство, односно Португалија која е дел од ЕУ 30-тина години, Бугарија, Романија и Хрватска како најнови членки и Македонија и Србија кои што не се дел од ЕУ. Крајната цел на овој проект е да произлезе една заедничка стратегија, еден работен план, кој што ќе гии отсликува ставовите и мислењата на сите учесници и на сите земји кои што се или не се дел од ЕУ“, рече Даниела Цветаноска, ЛАГ Агро Лидер.

 

Учесниците на ова дебата кои доаѓаа од земји членки на ЕУ како Хрватска и Словенија потенцираа дека најголемиот бенефит што тие го имале при влезот во ЕУ бил отворениот пазар, отворените граници, функционирањето на правната држава и големиот број бенефити кои ги имале и другите граѓани на Европската Унија.

 

„Морам да кажам дека ЕУ донесе доста промени кои одат кон подобрување на реализацијата на одредени проекти. Што се однесува пак на правната држава тоа е најважното нешто кое ние како Хрватска го добивме со влезот во ЕУ. Секако дека има и одредени проблеми. Според мене најголем проблем е тоа што ние сами си дадовме некои прописи кои е тешко да се испочитуваат кога се реализираат тие ЕУ проекти. Најголемите грижи на нашето општество, а мислам и на вашето е пред се спроведувањето на законите и тоа е најважно за функционирање на едно општество. И верувам дека по неколку години поминати во ЕУ ситуацијата кај нас ќе биде иста како онаа на Запад“, рече Мирко Крзнар, градоначалник на Општина Којншчин, Хрватска.

 

„Многу е добро да сте член на ЕУ, пред се поради големите ЕУ фондови, солидарноста помеѓу земјите, но исто така е убаво и за индивидуално ниво. За еве мене на пример, јас штотуку го завршив факлултетот, учев во Шкотска, универзитетот беше бесплатен, а ако не бевме дел од ЕУ тоа ќе беше многу скапо и јас немаше да можам да си го дозволам. Исто така имаме отворени граници, можеме слободно да патуваме, нема визи и слично“, кажа Лора Кастелиц Словенија.

 

 

 

Според младите евроспектицизмот го создавале политичарите, медиумите и недоволната информираност за тоа што всушност претставува Унијата.

 

„Темата на овој проект кој трае година и половина е да се добие мислењето на граѓаните за ЕУ. Европска унија навистина финансира проекти намети за тоа луѓето да го кажат своето мислење. Што тие мислат за ЕУ, што е добро, а што не е. Што тие мислат дека треба да се подобри. Целта е да се дознае што нашиите граѓани мислат за ЕУ и зошто тоа го мислат. Некои мислат добро, некои не за ЕУ. Затоа и имавме за цел да дознаеме кои се причините за лошото мислење за ЕУ, а излезе дека тоа беше недостатокот на знаење за ЕУ. Што таа работи, каков е тој систем, што доведува до доза на скептицизам. Ние сме под влијание на медиумите, политичарите и други работи кои ги гледаме од околината, така што сето тоа доведува до една недоверба“, истакна Јасмина Бочкај, ЛАГ Призак, координатор на проектот.

 

Но сепак влезот во ЕУ за новите членки ја донесе и миграцијата на младите. Огромен број на млади луѓе со влезот во Европа од Бугарија, Романија и Хрватска се иселија од родните огништа. Причина е нискиот стандард во нивните земји и отворената можност да заминат каде сакаат. Но дел од младите не гледаат проблем во тоа.

 

„Морам да кажам дека има голема миграција на младите, бидејќи платите кај нас не се толку високи како во другиот дел на ЕУ, а младите луѓе се нестрпливи и поголемиот дел замина надвор од Хрватска, но морам да кажам дека со овие фондови платите се покачија и во градежништвото и во другите сектори и дел од луѓето кои заминаа пред неколку години се враќаат“, додаде Мирко Крзнар, градоначалник на Општина Којншчин, Хрватска.

 

„На иселувањето на младите се гледа негативно, но за нас младите тоа и не е така негативно. Како на млад човек мене тоа би ми била предност да можам да одам од една во друга земја, каде ме чека некоја подобра иднина или сакам да пробам нешто ново. Мислам дека денеска е нормално да се иселуваат луѓето. Како што на пример нашите млади заминуваат во странски земји, можно е други млади од други држави да се доселат кај нас. До нашиот систем е дали ги привлекува луѓето, а не на ЕУ. Не е ЕУ крива за тоа ако ние имаме проблем со иселувањето“, истакна Јасмина Бочкај, ЛАГ Призак, координатор на проектот.

 

 

 

 

 

Младите од Србија, како држава која е во претпристапен процес за влез во ЕУ, велат дека кај нив граѓаните биле поделени околу тоа дали и колку е добро да си член на ЕУ.

 

„Ние сме земја која што е во претпристапен процес за влез во ЕУ. Можеби луѓето се прашуваат кога ќе влеземе во ЕУ. Нови Сад е европска престолнина на културата за 2021 година, исто и е со општина Сремски Карловци. Ние добивме легитимитет на европско граѓанство, само е прашање на време кога можеме да ги користиме сите бенефити како граѓаните на ЕУ. Евроскептицизмот го има во одредени мери, затоа што секогаш има луѓе кои се ЗА или ПРОТИВ, ја имаме таа слобода на избор. Поголемиот дел од младите се ЗА затоа што ја гледаат шансата за решавање на проблемот на невработеноста и гледаат можност за студирање и се она што може да го имаат како корист ако бидат граѓани на ЕУ. За мислењето на постарите граѓани на Србија не би коментирал, треба нив да ги прашате“, рече Дарко Миланковиќ, Сремски Карловци, Србија.

 

 

 

 

Градоначалникот на Крушево како домаќин истакна дека тие имале позитивно искуство во искористувањето на ЕУ фондовите, а ќе продолжеле и понатаму со вакви апликации за проекти кои го подобрувале квалитетот на животот ии во градот и во населените места.

 

„Ние сме прва општина која што го доби грантот од 500.000 евра и започнавме со негова имплементација. Започнавме комплетна реконструкција на спортската сала на Гумење, исто така со пари од ЕУ и веќе започнавме со комплетна рекострукција на горната училишна зграда преку ИПА фондовите, но добивме и 270.000 евра за оние важни работи во населените места како што е изградба на резервоар за питка вода во село Борино, прва фаза канализација во село Норово и крак од 2,5 км. во село Саждево за питка вода“, кажа Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

Трибината заврши со симболично гласање дали сте ЗА или ПРОТИВ влез во ЕУ.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи