ВИДЕО – Заев во Прилеп : Денеска патриотизам е да се осигураме дека нашата следна генерација ќе има иднина дома

Со импровизиран напад на Участакот, дигитална визуализација на неговиот ѕид и спектакуларен огномет традиционално вечерва Прилеп го започна одбележувањето на 77 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор на 11 октомври 1941 година. Премиерот Зоран Заев истакна дека и денешната генерација Македонци како и таа за време на НОБ се наоѓала пред историски момент во кој се решавала иднината на државата.

 

 

 

„Таа генерација наши претходници ја грабнаа таа историска шанса за да го остварат вековниот сон, своја држава, држава на македонскиот народ и другите граѓани, Република Македонија. Ние денеска им оддаваме должна почит на тие храбри државотворни луѓе, кои им дарија држава на идните генерации да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат, а на светот, во светската културна ризница му ги подарија безвременските скапоцености на нашата култура, историја и традиција. Почитувани граѓани на Република Македонија, празнувањето на значајните датуми и празници од нашата историја не треба да биде само формалност и протокол. Ако се сведат само на тоа, таквото одбележување би било неправда и навреда за творците на нашата државност. Празниците се добар момент, кога секоја генерација што ги слави и прославува треба да се запраша како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани? Секоја генерација е должна да ги проширува видиците, секој граѓанин на нашата држава и да реагира тогаш кога некој го блокира, го оневозможува развојот. Оваа должност и одговорност најмногу им припаѓа на политичките лидери, на народните избраници“, истакна Заев.

 

Тој додаде дека нашите претходни генерации, оние што ја извојуваа и што ни ја подариле државноста и слободата, да живееме во неа, не ни ја дале за да ги делиме луѓето. Македонија била создадена како дом на слободата за сите нејзини граѓани, Македонија на сите и за сите и ние сме биле должни на нашите идни генерации да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопственото место во домот, Република Македонија.

 

Должни сме да преземеме одговорност за Република Македонија да биде дом за слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие. И затоа и денеска можеме да кажеме дека сме повторно пред историски избор. Оваа генерација треба одлучно и храбро да го направи исчекорот за остварувањето на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја. Егзистенција за секого, европски животен стандард, осигурани граници, безбедност, стабилност, признаен идентитет, сето ова преку членство во НАТО, а потоа и членство во ЕУ. Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници, вградени во државноста и во слободата на Република Македонија е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато. Но патриотизмот не завршува тука. Нашиот патриотизам идните генерации ќе го почитуваат само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и на нашите деца. Тука да создадеме можност за нашите синови и ќерки, во Македонија. Тоа е патриотизам. Партиотски е да се осигураме дека нашата следна генерација има иднина тука, дома. Само така ќе имаме причина да веруваме дека на нашите идни генерации ќе им дадеме причина да слават, како што нам причини за славје ни даде генерацијата на партизаните и партизанките од антифашистичката и народноослободителната војна. Почитувани прилепчани, драги граѓани на Македонија, нека ни е честит и вековит 11 Октомври, денот на народното востание“, додаде Заев.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи