ВИДЕО: Земјоделците на протест-Македонската пченица скапува по амбарите, а државата за стокови резерви откупува српска пченица

Додека македонската пченица скапува по амбарите, државата за стокови резерви откупува српска пченица по 13,5 денари од килограм. Ова е срамота ! Со ваков став на денеска на мирен протест пред силосите за стокови резерви излегоа земјоделците од прилепско кои велат дека можеби 40% од минатата реколта земјоделците ги немаат продадено бидејќи цената на пченицата била од 7 до 8 денари за килограм. А сега српската пченица се откупувала по скоро двојно повисока цена.

 

 

 

 

„Па ништо не е откупено за стоковите резерви од нашата пченица и плус како што слушаме дека 13.5 денари му плаќале на Србите. Што, ние немаме пченица? Не сме ние земјоделци? Сите мелничарски индустрии ги поминав низ цела Македонија, најквалитетна пченица имав, со докази, мерени сите параметри за брашно што се, сите ми викаа 7 денари и тоа на отплата до Нова Година. А на Србите им плаќаат пред време и 13.5 денари. Значи срамота е ова, и претходната власт исто правеше, и оваа сега исто. Еден ден треба крај да се стави на ова, или нека ни каже државата да не сееме и нема да сееме, ќе бараме друга работа, ќе ги оставиме нивите така, па мелничарската индустрија нека откупува од Србија. Тогаш ќе биде и 20 денари пченицата. Треба да се освести држава, власта да се освести, пропаѓаме, готово. Не можеме да ги плаќаме кредитите што ги имаме земено. Ништо не е рентабилно во земјоделието, ништо, катастрофа. Никаков обѕир нема државата земено према земјоделците“, рече Итат Исмаилоски, земјоделец.

 

„Овде денес се собравме поголеми земјоделци да искажеме еден мал револт и мало потсетување до власта. Претходната власт истата грешка ја направи со нас, со земјоделците, и новата власт време е да се освести каде ги прават грешките. Квалитетна македонска пченица стои по домашните амбари, никој ни сака, ни бара, по 8-9 денари. Се носи српска пченица. Треба за време на жетва да се распише оглас за стоковите резерви, да се откупи македонската пченица, па потоа нека се зема српска. Ние немаме ништо против српската пченица. Има доста пченица оставено по амбарите и силосите. Јас имам 200 тони пченица оставено дома, чекам цена. Голема загуба имам, а и оваа есен еве временските неприлики не знаеме дали ќе посееме нешто“, вели Тони Стојкоски, земјоделец.

 

 

Земјоделците обвинуват дека позади целата оваа ситуација стоел интересот на одрени луѓе од власта кои профитирале од овој откуп.

 

„Ние неколку пати одиме во Владата и преговараме, вишокот пченица што го нудиме ние на пазарот да се откупи за стокови резерви. Како што кажаа колегите дека и оваа влада и претходната влада истите грешки ги прават. Се работи за интерес, се игра за голема игра во откупот на пченцата за стоковите резерви. Сега оваа пченица, од неофицијални извори, знаеме дека е 13.5 денари. Додека кога ќе дојде време да се празнат стоковите резерви, таа истата пченица се продава по 7 денари. Значи тука е голема игра, голема разлика во цена. Тоа треба да се стави крај на таа игра, да се откупи нашата пченица, па другата нека биде од увоз. Разликата во цената, профитот, големи пари се во игра. Сега оваа истата пченица ја купуваат истите фирми, истите луѓе, а кога ќе дојде време да се празнат стоковите резерви, истите луѓе ја туркаат цената, значи разлика од 6-7 денари, тоа е голема разлика, големи пари. Тоа е целата игра. Затоа нашата пченица стои“, вели Славе Караилиоски, земјоделец.

 

Земјоделците обвинија и тоа дека сеуште ја немале добиено субвенцијата за реколтата 2017/2018 која за семенски материјал била околу 12.000 по хектар, а за несеменски материјал 6.000 денари по хектар. А ништо немало ниту од ветувањата за т.н. „зелена нафта“.

 

„Значи субвенцијата за посевите за 2017-2018 во моментов е најнеопходна за земјоделците, затоа што тие што ја продадоа својата пченица ја продадоа по 7-8 денари. Значи само да покријат претходни долгови, луѓето немаат пари за сеидба. Сеидбата не е ни почната. Значи субвенциите да се исплатат што е можно побрзо, дури да се даде и некоја дополнителна мерка, бидејќи кажавме дека цената е многу ниска. Исто така и овие што ја чуваат пченицата во амбарите, како да почнат сеидба, со кои пари. Значи не може да земе ниту семе, ниту семенски материјал, ниту нафта. Знаеме дека нафтата од ден на ден поскапува, семенскиот материјал исто така. Исто сме условени за да земеме семенски материјал за субвенцијата. Државата тука веднаш мора да интервенира во ова. Со зелената нафта колку што знаете вие, толку и ние. Само зборуваат и слушаме, посебно од медиумите, дека ќе има зелена нафта, а сите знаеме дека нема“, истакна Стеванче Орданоски, земјоделец.

 

Земјоделците истакнаа дека македонската пченица бидејќи не била многу третирана со хемија и пестициди била далеку поквалитетна и поздрава од увозната српска пченица.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи