СЈО отвори нова истрага под кодно име „Империја“ – приведени Орце Камчев и Цветан Панделевски

Facebook
Twitter
Email
Print

По опсежна предистражна постапка, СЈО отвори истрага под кодно име „Империја“ за перење пари, злоупотреба на службата и повластување на доверители. Приведени се 5 лица, меѓу кои и бизнисменот Орце Камчев и неговиот деловен партнер во неколку фирми Цветан Панделевски, инаку сопственик на „Пелистерка”.

 

Под истрагата покрај нив се и Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

 

Денеска биле извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство.

 

Од СЈО соопштуваат дека во предистражната постапка биле применети и посебни истражни мерки, по што се обезбедени доволно докази, од кои произлегло сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.

 

Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно – правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи