ВИДЕО – Злоупотребата на детскиот труд во голема мера застапен во земјоделскиот сектор во Македонија

Веќе е 6 часот наутро. Сонцето само што се издигна на хоризонтот, а нивите со тутун веќе се преполни со луѓе. Но освен возрасните во полето може да се забележат и голем број деца кои на нивите се наоѓаат од 3 или 4 часот наутро, за разлика од нивните врсници во градот кои сега се во длабок сон. За да утврдиме каква е состојбата со детскиот труд во земјоделството, особено во тутунопроизводството, прошетавме низ неколку села во Општина Долнени.

 

 

На една од нивите се наоѓаше едно семејство со двете деца, за да го заштитиме нивниот идентитет нема да ги откриеме нивните генералии. Таткото признава дека му е жал што мора да ги носи децата на нива, но вели дека нема избор.

 

„Многу тешко, ги разбудувам во 3 часот наутро. Тешко е многу со деца мали. Поголемиот е 12 години, а другото е 11 години. Мора да работат, од ова живееме, друго нема, од каде, не сме вработени. Девојчето се мачи бери само и машкото исто така“, вели таткото на двете деца.

 

 

Овие две дечиња не се единствените кои наместо да имаат мирно и спокојно детство мораат да работат на нивите уште пред да изгрее сонцето за да остварат приход за своите семејства.

 

 

Дел од децата начекавме дури и како ораат со плуг, врзан со јажиња за трактор додека нивниот татко вози. Доказ колку се застарени методите на работа во земјоделскиот сектор во Македонија. И нивниот идентитет ќе го заштитиме.

 

„Ние работиме околу 20 декари тутун, јас сум 4 челно семејство. Изложени сме на секакви времнски услови, на дожд на сонце, на секакви временски услови. И децата оваа макотрпна работа не ја сакаат“, истакна таткото на другите две деца кои работеа на нивата.

 

Жителите на руралните средини признаваат дека нивните деца работат тешки физички работи.

 

„Децата во селата не само кај нас секаде поразлично работат, се снајдуваат. Се оптеретуваат многу јако. Копање, садење, вадење, од селото децата се многу оптеретени“, вели друг родител.

 

Дел од децата дури и без никаква дозвола ја возат земјоделската механизација што претставува голема опасност по нивниот живот и животот на другите околу нив.

 

 

Во периодот од 2013 до 2017 година, во сообраќајни незгоди со потешки последици случени со трактори настрадале вкупно 48 деца, од нив две загинале, а 46 деца се повредени. Притоа, на возраст до 13 години настрадале 30 деца, додека останатите 18 се на возраст од 14 до 17 години.

 

 

Исто така не се заштитени ниту кога се употребуваат хемиски препарати.

 

„Па ништо не се заштитуваме, така ќе го запниш тракторот, прскалицата и ќе одиш на нива. Ќе ка туриш билката и толку“, рече таткото на првите две деца кои ги начекавме на една од нивите.

 

„Се заштитуваме со ракавици, со маски, некои прскаат без маски, без ракавици…“, кажа таткото на другите деца.

 

Од здружението на тутунари на Општина Долнени, „Златен лист“, велат родителите се свесни дека малолетни деца не смеат многу да работат и дека тоа може да се протолкува како злоупотреба на детскиот труд, но велат дека ако децата не им помогнат нема кој друг.

 

„Овие кои работат тутун 99% во Општина Долнени многу им е тешко и децата гии земаат и ги носат тутун. Ги стануваат од спиење во 3 часот наутро. Се прашуваат дали да ги остават дома или да ги земат со себе на тутун ? Ние знаеме дека се малолетни, дека не смеат да работат, но мора. Мора да им помогнат на родителите. Немаат од друго место од каде“, вели Муса Ибраимоски, претседател на здружение „Златен лист“.

 

 

Голем дел од полето во Општина Долнени е сработено од детските раце. Експертите велат дека танка е линијата дали учеството на децата во земјоделскиот сектор е злоупотреба или не на детскиот труд.

 

Професорот на земјоделскиот факултет во Скопје, Иле Цанев, вели дека една третина од сите тие кои учествуваат во извршување на земјоделските работи се малолетни лица. Токму поради тоа голем бил бројот на деца кои учествувале во несреќи кога се користи земјоделската механизација.

 

„Тоа е резултат на тоа што пред се кај нас земјоделското производство, особено во руралните средини е семеен бизнис или бизнис во кој што опстојува и преживува на некој начин земјоделското семејство. Не може тој да плаќа наемни работници. Туку наемните работници ги заменуваат членовите на семејството и на тој начин не го вреднуваат трудот. Меѓутоа придонесуваат во семејниот буџет. Тие традиционални навики многу тешко или воопшто нема да може да ги искорениме или отстраниме. Можеме само да ја зголемииме контролата. Да некоја граница, зборуваме во години, за одредени работни процеси да ги опоменуваме . Не може се да оди преку казни. Затоа што пак тоа ќе придонесе друг контра ефект“, истакна Иле Цанев, универзитетски професор.

 

 

За да се намали детскиот труд во земјоделскиот сектор според Цанев најбитно била пред се едукацијата на родителите, но исто така важни биле и разните програми кои финансиски им помагале на земјоделците да купат нови посовремени машини, кои пак го намалуваат учеството на човечкиот труд во земјоделските работи.

 

„Во изминативе периоди благодарение на програмите на ИПАРД и се разбира на програмите кои се за обновување или 50-50 на земјоделските машини, се успеа до некој степен да воведеме нова механизација. Велам нова, но делимично современа, делимично не. Со воведувањето на современата механизација најголемиот дел од работните процеси каде сега се користи детскиот труд, со современата механизација ќе се импелементира нова погонска машина. И тогаш донека целосно ќе се извршувата работните процеси механизирано. Ако користиме механизација сиите процеси ќе бидат навремено направени, нема да имаме застој во поглед на земјоделските култури, а доколку учествува работниот труд, односно човечкиот, се разбира детскиот што за жал се уште е присутен особено во руралните средини, производот се добива со задоцнување, неквалитетно доволно и количините се тие кои се хектар површина. Особено детскиот труд е присутен во оние земјоделски производства каде што имаме традиционално производство. Ќе го споменам тука производството на тутун. Од кое што производство опстојува повеќе члено семејство“, додаде професорот Цанев.

 

 

Од детската амбасада „Меѓаши“ велат дека досега немале направено детална анализа и истражување за тоа каков вид на злоупотреба на детски труд е застапена во Македонија. Велат дека децата не треба да бидат вклучени во активности кои не соодветствуваат на нивниот психо-физички развој и кои влијаат врз нивно редовно посетување на училиштето.

 

„Вклучувањето на децата во сезонски активности и во одредени активности во земјоделството кои што го попречуваат нивното редовно следење на наставата, затоа што има одредени информации дека децата понекогаш отсуствуваат од училиште заради некои такви активности, тоа не треба да биде случај затоа што правото на децата на образование и редовно посетување на основно и средно училиште, бидејќи и двете се задолжителни во Македонија се едно од основните права коии децата треба да ги остваруваат“, потенцираше Катерина Конеска, Прва детска амбасада „Меѓаши“.

 

 

И од Институтот за медицина на трудот велат дека немаат прецизна статистика за тоа кои се и колкави се најчестите повреди кај земјоделците при работа, а со тоа и на децата вклучени во овој сектор бидејќи со транзицијата и расформирањето на земјоделско индустриските комбинати голем дел од индивидуалните земјоделци, врз кои порано редовно се вршеле здравствени прегледи сега тие не подлежат под законот за здравје и безбедност при работа. Исто така децата пак законски биле задолжени да ги следат само од 15 години па нагоре.

 

„Кај децата, според тоа што имаме како изјава, од тие што пополнувале прашалници имаме податок дека добар дел учествуваат, но не учествуваат со полно работно време илии не се вклучени во тие најризични операции. Но фиксни бројки, симптоми, тегоби и повреди немаме во склоп на превентивната програма затоа што сепак ние како медицина на трудот, како специјалност, како институт, сме задолжени да ги следиме од 15 години па нагоре“, рече д-р Сашо Столески, специјалист по медицина на трудот.

 

 

Специјалистот по медицинска психологија Јован Велески потенцира дека вклученоста на децата во земјоделскиот сектор е добра за развој на нивната личност и карактер, но само ако тие се вклучени на пубертетска возраст, под надзор на родителот и да имаат не толку тешки физички активности. Исто така под злоупотреба на детски труд според него се сметало и дека ако поради работата децата го запоставуваат училиштето.

 

„Кај нас како град на тутунот во Прилеп се случува тие деца многу рано да стануваат, што е еден од проблемите бидејќи спиењето и сонот се многу важни за детскиот развој особено за помалите деца. Значи за една ваква активност како што се земјоделските активности добро е да бидат вклучени деца на поголема возраст отпилика некаде пред пубертетот и по него за да може постепено да формираат работни навики“, вели д-р Јован Велески, специјалист по медицинска психологија.

 

Според експертите иако законот за злоупотреба на детскиот труд постои на хартија, тој не се почитива многу во практиката. Со поголеми и соодветни контроли од страна на државните органи значително ќе се намали искористувањето на детскиот труд во земјоделскиот сектор. Затоа што и малите рачиња наместо да берат тутун во 3 часот наутро заслужуваат да имаат нормално детство.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи