ВИДЕО – Протест на КСС во Прилеп, се бараа повисоки плати, К-15, колективни договори и стоп за партиските вработувања

Конфередерацијата на слободни синдикати денеска одржа мирен протест во Прилеп повторувајќи ги нивните барања зголемување на платите во јавниот сектор, усогласеност со минималната плата и исплата на К-15. На денешниот протест исто така КСС побара и работа без притисок и мобинг, почитување на законите и колективните договори. Од Конфедерацијата најмногу се противат на најавениот трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор. Обвинија дека веќе се правеле листи, за кои тие воопшто не биле информирани. Од КСС велат дека иако се прават вакви листи од друга страна имало масовни партиски вработувања во јавниот сектор.

 

 

„ Знаеме дека веќе во јавната администрација почнаа да се прават трансфер листи. Ние како синдикати не сме информирани за правењето на тие трансфер листи, тоа се прави задкулисно, значи одредена група на луѓе во одредени институции ги прават. Така да ни кажавме дека жестоко ќе се спротивставиме на тоа, затоа што треба прво да се донесат одредени законски решенија и начинот на кој треба тоа да се изведе. Но и покрај тоа, еве кажуваме и тука, дека треба да сопре вработувањето во јавната администрација на партиски кадри и дека одливот на вработени од јавната администрација ќе биде природен во овие 2-3 години и дека не треба да има трансфер листи, туку истите пари да се употребат за преквалификација или доквалификација на одредени вработени кои не припаѓаат во одредена институција, но можат да припаѓаат во друга институција, каде што стварно има недостаток на стручен кадар. Има партиски вработувања, ние тоа го истакнавме. Имаше и порано, има и сега партиски вработувања, за жал, за тоа што целата македонска јавност се бореше, за да престане политизацијата на јавната администрација, се поизразено е во последно време“, рече Благоја Ралповски, претседател на КСС.

 

 

Од СОНК обвинија дека деновиве се вршел страшен притисок врз вработените во училиштата во Прилеп да не излезат на најавениот протест. Тоа се правело со закажување на разно разни задолжителни активности за наставниците кои токму денеска морале да ги спроведуваат или да бидат присутни на истите. Обвинија дека за 1 година во Прилеп на улица останале 1.000 наставници. Оваа бројка била најголема во цела Македонија.

 

„Сведоци сме на жестоки притисоци во училиштата со закажување на разни училишни активности кои беа вчера закажани за денес, во сабота, кој е неработен ден за вработените во училиштата, меѓутоа мое длабоко уверување е дека тоа нема да ги поколеба вработените во училиштата и тие сигурно ќе излезат на протест. Инаку Прилеп е еден од градовите, една од општините кои најжестоко удри врз воспитно образовниот процес, односно вработените во воспитно образовниот процес. Знаеме дека над 1.000 наставници кои исполнуваа услови за трансформација не им беше продолжен договорот за работа. Знаеме дека над 1.000 семејства останаа практично без егзистенција за преживување. Знаеме дека некои други државни институции на кои се обративме и обжаливме за ваквите состојби во образованието, го свртија грбот на правдата и еве впрочем затоа и Прилеп е еве првиот град, првата општина каде излеговме да протестираме и да кажеме не за ваквите состојби што се овде“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

 

 

Наставниците се побунија дека ситуацијата во образованието била очајна.

 

„ Вакво понижување сме немале во изминатиот период. Да се девалвира трудот на наставникот, кој што произвел и премиери, и министри, и директори, и доктори кои што сега јавно кажуваат дека земаат 2.500 евра плата. Не може еден доктор да зема 2.500 евра плата, 10 пати да е повреден од мене кој што сум го створил јас тој доктор, и тој судија, обвинител. Срамно е ова“, истакна Костадин Шекероски, наставник.

 

 

Протестираа и вработените во културата кои побараа колективни договори.

 

„ Културата 20 години нема потпишано колективен договор. Нашата институција, бивша, народниот театар Војдан Чернодрински, 14 години не постои како институција. Ете ова се аргументите за кои излегуваме и протестираме и ќе протестираме до добивање и до враќање на институцијата театар во Прилеп, затоа што Прилеп од 50-та година го негува театарот, и сеуште го негува и најголем срам е да ја загуби институцијата која е бренд на овој град и продолжува да биде бренд и да го претставува градот. А за колективните договори е навистина срамно, затоа што од 98-ма кога јас се вработив во театарот, се зборуваше дека следната година ќе потпишеме колективен договор. Еве 20 години после, уште културата и науката, кои треба да се главните двигатели на ова општество немаат потпишано колективен договор“, потенциираше Игор Трпчески, актер.

 

 

 

Од КСС најавија дека Прилеп е првиот град каде започнуваат протестите, а истите ќе продолжеле или стопирале во зависност од тоа дали Владата ќе имала слух за нивните барања.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи