ВИДЕО–Дамчески : Прилепскиот театар без соодветен однос од државата, функционираме како драмска секција

Државата нема соодветен однос кон прилепскиот театар. Иако сме едни од најдобрите театри во Македонија ние веќе 14 години немаме статус на театар, Функционираме како обична драмска секција во состав на ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп. Ова го истакна раководителот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, Стојан Дамчески. Дамчески нагласи дека единствена искра надеж гледаат во изградбата на нов театар која се ветува за 4 до 5 години, затоа што условите за работа во сегашниот театар се катастрофални, исти како и пред 50-тите години кога и се формирал.

 

 

„Ние како правен субјект не сме веќе долги години. На нашите плакати и секаде си пишуваме дека сме театар „Војдан Чернодрински“, но тоа е политика и ние не се откажуваме од таа работа. Меѓутоа од друга страна не финансира Министерството за култура кое не стави во еден кош со театрите од Струмица, Штип, Велес, Куманово, Охрид, сега веќе има и други театри, веќе 17 театри се направија во Македонија, а ние работиме во некакви центри. Во овој момент, без дрскост, сме најдобар театар како ансамбл, како продукција на престави, како успеси кои ги имаме. Се носиме рамноправно со големите театри, дури и подобро, со МНТ, со Драмски, со Битола, кои што бројат и 60 актери. Ние со екипа од 18 актери успеваме да направиме по 4 премиери, некогаш и 5. Играме по 120 претстави годишно, постигнуваме успеси како на домашен, така и на меѓународен план, меѓутоа велам сето тоа е за џабе и не знам до кога ќе бидат нервите на овие дечки околу мене. Не знам до кога ќе бидат нашите нерви со ваков третман од страна на Министерството за култура, односно државата, да продолжиме со ваков ентузијазам да работиме. Значи не станува збор за плата или таква работа, станува збор за однос и третман кон нашата институција“, истакна Дамчески.

 

Дамчески рече дека за прв пат после долги години театарот ќе имал под 100 престави годишно, меѓутоа нивната работа била жива материја и зависеле пред се од актерот, а оваа година актерите имале доста здравствени проблеми. Но и покрај се како театар имале навистина успешна година.

 

„Меѓутоа што се однесува до успехот на театарот, оваа година можеме апсолутно да ја квалификуваме како ретко успешна година, затоа што на фестивалот „Војдан Чернодрински“ победивме со претставата „Клетници“, освоивме 4 награди. Неодамна пред 10-тина дена се вративме од фестивалот на актерот во Никшиќ, меѓународен фестивал на кој учествуваат безмалку сите поранешни југословенски републики. Од 5 награди кои ги доделува фестивалот освоивме 3 награди и на тој план може да се каже дека сме успешни. Претходно исто имавме меѓународно гостување во Враца на еден камерен фестивал, каде со преставата „Обѕрни се во гнев“, каде исто така освоивме награда. Секако дека најзначајни се овие 3 награди во Никшиќ и победничката престава на фестивалот Чернодрински, каде морам да кажам дека во последните 10 години, театарот „Војдан Чернодрински“ победува 4 пати, што не се случило не само во историјата на прилепскиот театар, туку на многу пореномирани и поголеми театри“, додаде Дамчески.

 

Во сабота и недела театарот ќе ја има својата 3 премиера оваа година „Авантурите на Пинокио“. Претходно театарот ја постави „Пиреј“ од Петре Андреевски, во режија на Љупчо Ѓеорѓиски и „Казимир и Каролина“ од Един Вон Хорват, а во режија на Нела Витошевиќ.

 

„Еве сега сме во претпремиера, односно во сабота и недела едно изненадување, еден подарок од актерите на прилепскиот театар за најмладите гледачи, добро познатата пиеса за деца „Пинокио“, која ние во нашиот театар ја поставуваме по втор пат, далечната 1993 или 1994 ја постави тогаш Александар Товстоногов и во насловната улога играше Билјана Беличанец. Овој пат во режија на Дарко Ковачески, насловниот лик, односно Пинокио го толкува нашата актерка Јасмина Мицоска Станкоска. Реков дека во текот на цела година не пратеа малери во поглед на здравјето на актерите и во тој однос не успеавме да стигнеме да го реализираме она што беше како зацртана програма. Ретко кога се случило да не ја реализираме програмата, меѓутоа точно поради здравствени причини и последниот проект „Демократија“, кој што беше најавен за крајот на оваа година го одложивме, односно бевме приморани да го одложиме поради болест на еден од актерите кои се во главната улога, да се префрли за наредната календарска 2019 година, односно најверојатно ќе биде точно на одбележувањето на денот на 60 годишнината од театарот, односно 18.02 следната година“, истакна Дамчески.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи