Мицкоски: Насилно го менуваат уставот, отпорот е се што ни преостанува

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека уставот се менува „не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски“. Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да учествува во тој „срамен процес“ и нема да му дадат легитимитет.

 

„Кацарска судството и русковска обвинителството се механизми на власта за пресметка и уценување. На референдумот Зоран Заев не доби поддршка за менување на Уставот, тоа го прави на криминален начин преку користење на судството и обвинителството, преку механизми за уцена на пратеници да гласаат. Името не го менуваат граѓаните туку 80 пратеници обезбедени преку уцени и закани. Кај дел од пратениците гласањето е по уцена, а не убедување и волја. Сите тука, медиумите и јавноста, добро знаат за задкулисните игри, уцени и закани кои се одвиваа јавно“, изјави Мицкоски.

 

Тој рече дека тоа не се европски вредности и се лажат тие што мислат дека на овој начин „ќе станеме европска Македонија“ и оти „отпорот е она што ни преостанува“.

 

Седницата за уставните измени треба да продолжи во 16 часот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.