Општина Прилеп : Главните сообраќајници комплетно исчистени од снег, се чистат потесните улици во градот и патот за Мариово

Службите задолжени за зимско одржување на улиците и патиштата во општина Прилеп, континуирано работат на чистење на снегот и создавање услови за непречено движење на возилата и пешаците, истакнуваат од Општина Прилеп. Чистењето на улиците се вршело со 5 камиони, 2 скипа и грејдер, така што се очекува дека до крајот на денот ќе бидт исчистени сите улици во градот.

 

 

„Динамиката на работење не дозволува сите улици да бидат исчистени во еден момент. Исто така, 90 отсто од патиштата до населените места се чисти, остануваат уште едно или две села каде денеска ќе биде испратена механизацијата. Патот за Мариово го одржува „Македонија Пат“, доколку има потреба ќе им испратиме помош во возила, со цел да бидат оспособени патиштата до сите села кои гравитираат во овој регион“, изјави Богоески.

 

„Дежурните екипи на „Елмонт“, со 5 камиони со нож и посипувач, 3 машини со ножеви и грејдер, во текот на ноќта извршија обиколка на улиците од прв приоритет, при што беа потрошени околу 100 метра кубни мешавина на ризла и сол. Во моментов се работи на чистење на улиците од втор и трет приоритет во населбата Варош, патот до манастирот „Св.Арахангел Михаил“ и потесните улици околу него. Што се однесува до населените места во Мариово, чекаме „Македонијапат“ да го пробие главниот пат, после што во текот на попладневните часови или утре претпладне, ќе интервенираме со две машини и камион со посипувач“, потенцираше Александар Здравески од „Елмонт“.

 

Надлежните служби укажуваат на проблемите со возилата паркирани на улиците и тротоарите, што ја оневозможува механизацијата да изврши комплетно чистење на улиците во градот. Од тие причини, се упатува апел до граѓаните да ги тргнат своите возила од овие површини, со цел службите за зимско одржување на улиците и патиштата непречено и целосно да ги исчистат улиците.

 

И екипите на ЈКП „Комуналец“ изминативе денови го расчистуваат снегот  и овозможуваат услови за непречено функционирање на граѓаните. Од ова јавно претпријатие соопштуваат дека биле ставени во употреба сите непоходни човечки ресурси, целата оперативна служба и механизацијата со која располага претпријатието, со цел отстранување на снегот од тротоарите, плоштадот и другите јавни површини во општината.

 

„Потврда за тоа како работиме, е ова овде преd нас што го гледате, односно плочникот, којшто е добро исчистен, а снегот се подига. Покрај тоа што рачно работиме, се работи и машински. Првиот ден од големите врнежи, се потрудивме да ги исчистиме сите пристапи до важните институции, како што се Управата за јавни приходи, Локалната самоуправа, банките. Ги замолуваме уште еднаш граѓаните на Прилеп, да внимаваат при паркирањето, за да можеме да ги исчистиме максимално и како што треба пешачките патеки, односно тротоарите, заради тоа што навистина имаме голем проблем со машинското чистење. Во моментот работат две машини, едната е тука на плоштадот, а другата работи на потегот од поранешен ‘Солидност’ по улицата ‘Александар Македонски’, ќе се чисти до крстосницата со улицата ‘Кузман Јосифоски’. Исчистени се пешачките патеки, односно тротоарите од  ‘Солидност’ до старата општина, а исто така, од изутринава е чистено и на потегот кај новата автобуска станица, така што мислам дека ќе одговориме максимално на потребите на граѓаните“, вели Ирена Станкоска, в.д. директор на  ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

 

Прилепски „Комуналец“ со дежурни служби и со предвидена динамика, продолжува со расчистување на снегот и во викендот, се’со цел да нема проблеми во движењето на граѓаните и извршувањето на нивните секојдневни обврски.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи