Во граѓанскиот суд во Скопје се одржа првото рочиште од тужбата за клевета и навреда против потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски, покренато од страна на Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев. Вице го тужи Николовски за изјава дадена на телевизија 1ТВ, каде рекол дека братот на премиерот станал бизнис фактор во државата благодарение на наместени тендери.
По завршувањето на рочиштето, на кое не присуствуваше братот на премиерот, Николоски за медиумите изјави дека тужбеното барање е нон сенс, глупаво и бесмислено, поради што и одлучил сам да се брани.
„Вице Заев ме тужи за нарушени чест и углед затоа што во телефонско јавување во еден медиум сум кажал дека про-НАТО и про-ЕУ вредности не се наместени тендери, бизниси за членови на фамилијата и братот на премиерот кој станува главен бизнис фактор во државата. И сум кажал дека и во Брисел и во Вашингтон многу добро знаат дека тоа не се про-западни про-НАТО и про-ЕУ вредности. Ова е причината зошто го малтретираме судот, зашто се трошат средства, зашто се одзема вашето и моето време. Но очигледно пораката е друга. Пораката на главниот бизнис фактор во државата, сега веќе е станат тоа, тогаш не беше, е до сите бизнисмени да размислат што може да им се случи на нив ако може главниот бизнис фактор во државата да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вториот човек на опозицијата“, изјави Николовски за медиумите.
Николовски рече дека очекува судот да ја отфрли тужбата и за медиумите појасни што пишува во неа.
„Пишува дека од изјавата Вице Заев чувствувал вознемиреност, главоболки, имал вегетативна симптоматологија во вид на потење и црвенило на лицето, па јас би сакал да го прашам на кој начин дошол до тие заклучоци и како утврдил дека тоа му се случува. Следното рочиште е на 26 февруари, јавно кажувам што ќе го прашувам, има време да се спреми“, порача Николовски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека Вице Заев бара оштета од 30.000 денари нематеријална штета за повреда на честа и угледот, како и да му ги плати судските трошоци.
„Ако на Вице Заев му дошло до 30.000 денари, со здравје нека ги троши“, рече Николовски.