ВИДЕО – Таткото на Јане Ченто : Јане е јунак, може да ги издржи сите тортури, не и се плашиме на власта

Македонското патриотско здружение „Пере Тошев“ од Прилеп вечерва организираше мирен протест во центарот на Прилеп, против, како што велат, бруталноста на полицијата која му ја прават на Јане Ченто во истражниот затво во Шутка. Неговиот татко Коле Спиркоски истакна дека како родител се чувствувал многу тешко што денеска на роденденот на Јане не е со неговиот син, но како што рече ќе го издржеле сите тортури.

 

 

„ Јане е јунак, може сите тортури да ги издржи, колку му дозволуваат и таму. Така да не се плашиме од ништо, ќе издржи тој, и ние ќе издржиме. Се надеваме во победа на наредните избори, дали претседателски или парламентарни предвремени и се надевам дека и Јане ќе биде излезен, бидејќи таму го чуваат во најлошите услови што ги има во Шутка. Како што ми пренесе сопругата која го посети во затворот точно било тоа дека влезени се внатре тие командири или стражари со цел да го нарушат неговиот интегритет, да му вршат тортура за да попушти. Но, во никој случај тој нема да попушти. Емоциите се големи и тажни во овој момент, бидејќи не е со нас  да го прославиме неговиот 30 роденден, заедно со неговата сестра близначка, така да како семејство тешко ни е на овој ден“, вели Коле Спиркоски, татко на Јане Ченто.

 

Од МПЗ „Пере Тошев“ порачаа дека Јане е идниот лидер на Македонија.

 

„Како другар на Јане Ченто и член на МПЗ Пере Тошев. Македонија го има идниот лидер во Шутка. Јане ќе издржи, македонштината во него гори, само еден ден сите Македонци ќе се запрашаме колку вредел Јане и луѓето што ја делат ќелијата со него“, кажа Александар Илиески,  член на МПЗ „Пере Тошев“.

 

На протестот вечерва имаше присутни членови и на патриотски здруженија од други градови кои истакнаа дека повеќе нема да поддржуваат политички партии и политичари кои го продаваат својот народ туку само луѓе како Јане кои навистина ја сакаат државата.

 

„Јас и моите другари дојдени сме од Битола за да му дадеме поддршка на Јане Ченто на неговиот ден, на роденденот, да издржи во притворот, тиие тортурата ја вршат врз него, но и врз секој од нас, сите што сме на слобода. И врз нас вршат тортура на друг начин, не следат, притисоци на работни места имаат луѓето, секој што е виден е шиканиран и сето тоа со резултат да ни го поништат името. Со протести завршивме, името ни го сменија, ние како граѓани, како патриотски здруженија не успеавме да ја одбраниме Македонија и сега дојдовме само специјално за поддршка на Јане Ченто, за таквите луѓе одсега ќе доаѓаме. Не повеќе за политички партии, за политичари, кои седат во фотелјите, а целиот македонски народ го продадоа. Исклучиво дојдовме овде само за Јане и за другарите кои се во притвор или во затвор, лежат за оваа Македонија која ние ја губиме полека. Му порачувам на Јане Ченто да издржи, како него има доста луѓе, сите сме оставени на цедило и секој си го живееме животот на свој начин“, изјави Јове Палашоски, Македонско патриотско здружение „Макеоднски Крвопис“ од Битола.

 

На протестот беше прочитано и соопштение од МПЗ „Пере Тошев“ кои побараа ослободителна пресуда за Ченто.

 

Соопштението го пренесуваме во целост.

 

„ Денес сме тука во Прилеп, родниот град на нашиот брат и пријател Јане Ченто. Тука сме да дадеме поддршка за неправдините што му се случуваат во овие 15 месеци. Неправдите што му се случуваат од обвинителството, обвинувајќи за најтешкото дело кон својата држава и кон својот народ, тероризам. Неправдите кои му се случуваат во судството, што судскиот процес го води под наредба на законодавната власт, а не врз база на вистински докази. Тука сме поради неправдата, која што му ја нанесоа полициските служби во затворот во Шутка, кои пред неколку дена го тепаа како најголем душман и беше преместен во друга ќелија.

 

Господа од обвинителството, тероризам е тежок збор, тешко обвинение и не можете да му го препишете на човек кој си ја сака државата и својот народ од дното на душата. Господа од судството, со ваш амин, а по наредба на законодавната власт, со цел да се изврши промена на името на Република Македонија, вистинските виновници се тие кои ги отворија вратите во Собранието на Република Македонија на 27 април, а тие се на слобода. Истите тие беа и неколкукратно наградени со стотици илјади евра во вид на тендери, прикривајќи го мотивот дека тие пари се земени за да гласаат „ЗА“.

 

Почитувани припадници на полицијата и стражарската служба во Шутка, немојте да си играте со човечките судбини на невини луѓе. Таму каде што е Ченто, има и криминалци кои имаат извршено и уште поголеми дела, а уживаат права како да се во хотел со 5 ѕвезди. Имајте човечност, не подлегнувајте на наредби од некој што не ви е наредбодавач. Еден ден, тој што сега ви наредува ќе биде многу мал за вас. Од тука од Прилеп, ние како МПЗ Пере Тошев од Прилеп, бараме од сите релевантни институции во државата Република Македонија, кои го водат овој процес да не го одолговлекуваат повеќе судењето и најитно на сите кои се преостанати да им дадат ослободителни пресуди.

 

Кога може Крсто, може и Јане. Кога може Василески, може и Горан. Кога може Арнаудов, може и Игор Југ, Дурло. Не си играјте повеќе со човечките судбини, затоа што еден ден власта ќе се смени, а вашите дела не застаруваат. Ќе треба да одговарате сите до еден. За крај сакам да му го честитам роденденот на Јане Ченто: Биди здрав, жив, истпрен во борбата за Република Македонија. Господ да ти дава ум и разум и биди таков како што си, каков што те познаваме, насмеан, јак, со мисла за просперитетна Македонија. Среќен роденден Ченто!“, потенцираше Милена Цветкоска, член на МПЗ „Пере Тошев“, која го прочита соопштението.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи