Осум кандидатури за претседател на државата во ВМРО-ДПМНЕ – меѓу нив и таа на Силјановска

Осум претседателски кандидатури пристигнале до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пренесе денеска потпретседателот на оваа партија, Владо Мисајловски.

 

„Сите кандидатури дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидати за претседател на Република Македонија и по оваа проверка, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите што ги исполнуваат законските услови за кандидат за претседател на Републиката. На кандидатите што ги исполнуваат условите, ќе им бидат обезбедени време и простор за презентација на својата програма од страна на партијата пред општинските комитети и членовите во периодот од 6 до 16 февруари“, изјави Мисајловски.

 

Неофицијално, една од истакнатите членови на движењето „Бојкотирам“, професорката од правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордана Силјановска аплицирала со потребните документи, иако тоа се уште го нема објавено во јавност.

 

Претходно, 30-ина професори ја предложија професорката Силјановска како натпартиски кандидат за претседател на државата, а поддршка за иницијативата побараа и од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.