Христоски: Почнува процес на децентрализација на Историскиот музеј и на Спомен-куќата на Тоше во Крушево

Започнува процесот на децентрализација на Националните установи „Историски музеј Крушево“ и Спомен-куќата на Тоше на Гумење, односно нивно ставање под надлежност на крушевската локална самоуправа, информира крушевскиот градоначаланик Томе Христоски.

 

Според Христоски, децентрализацијата на овие институции ќе овизможи подобра координација, унапредена контрола и целосна слика за туризмот во Крушево и смета дека граѓаните не треба да се плашат дека тоа ќе биде оптоварување на локалниот буџет. Дотациите во секој случај ќе стигнуваат од Министерството за култура, стои во официјалната информација на Христоски, која е и одговор на реакциите и прашањата на граѓаните.

 

„Децентрализацијата на наведените институции, односно нивно ставање во надлежност на локалната самоуправа, нема да значи финансиски импликации за Општина Крушево и нејзините граѓани. По целосното спроведување на децентрализацијата, овие институции ќе бидат под надлежност на локалната самоуправа, но ќе добиваат дотации, ќе се финансираат од централната власт и од ресорните министерства како и досега. Најголема добивка од процесот ќе има Општина Крушево и граѓаните, најмногу зашто Крушево е туристичко место, а НУ „Историски музеј“ и НУ Спомен куќа „Тодор Проески“ играат значајна улога во туристичката понуда на градот. Префрлањето на надлежноста ќе значи дека во развојот на туризмот, понудата на градот и промоцијата пред потенцијалните посетители на Крушево, локалната самоуправа ќе работи заедно со овие два објекта. Децентрализацијата ќе овозможи подобра координација, унапредена контрола и целосна слика за туризмот во Крушево“, уверува Христоски.

Како пример за идното функционирање на овие две институции, Христоски го наведува крушевскиот дом на култура „Наум Наумовски Борче“ Крушево, кој е во надлежност на локалната самоуправа, а добива финансии од Министерство за култура.

 

„Дополнителни оптоварувања на скромниот буџет на Општина Крушево нема да има, а децентрализацијата ќе донесе професионализација, заеднички пристап, поефикасно функционирање и подобра туристичка понуда“, стои во официјалната информација на крушевскиот градоначалник Христоски за процесот на децентрализација на Националните установи „Историски музеј Крушево“ и Спомен -куќа „Тодор Проески“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.