Димитров: Веќе не сме сами, имаме 29 сојузници

Од денеска мојата земја е многу силна, затоа што, како што рече, силата на една земја се гледа по нејзината армија, по држењето до демократските институции, но и според тоа колку сојузници има, а Македонија денеска добива 29 сојузници, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитровна церемонијата за потпишување на пристапниот протокол за членство во НАТО

 

„Многу сум емотивен. Ова беше долг пат. Македонија наскоро ќе биде Северна Македонија во согласност со договорот од Преспа. Со ова го исполнивме ветувањето на пратениците од првиот состав на парламентот дадено на 23 декември 1993 година, кога беше посочено дека НАТО е наша стратешка цел. Ова е резултат на работата на повеќе генерации и обврска на нашата генерација. Остварувањето не делуваше веројатно, туку се должи на лидерството на Зоран Заев и на Алексис Ципрас кои го поплочија патот кон помирувањето и докажаа дека невозможнотото е возможно. Го поздравувам и бугарскиот премиер Бојко Борисов поради договорот за добрососедство, што исто така придонесе за овој чин. НАТО за нас е семејство на држави кое ќе овозможи стабилност и безбедност, кое тежнее да го направи светот помирно и подобро место. Созреавме на овој пат. Ќе ги преземеме обврските, ќе се соочиме со проблемите. Во текот на наредните денови ќе го решиме и последниот спор со соседите. Ќе имаме смирувачка улога во регионот што се соочува со одредени несигурности. Патувањето не е завршено, но веќе не сме сами, туку со 29 сојузници. Ќе работиме на реформите за нашата армија да биде во согласност со стандардите на НАТО. Државата е силна колку и армијата, институциите и пријателите што ги има. Од денес, мојата држава е многу силна“, кажа Димитров.

 

По денешното потпишување, почнува процесот на ратификација на протоколот од страна на парламентите на сите земји членки на НАТО, процес кој најрано може да заврши за 9 месеци, може да трае и до година и половина.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.