Делегацијата на ЕУ со остра осуда за инцидентот во Шутка – бара одговорност

Делегацијата на ЕУ во Македонија остро го осуди и изрази загриженост за вчерашниот инцидент во затворот во Шутка во кој осуденици за кумановските настани физички ги нападнаа поранешните министри од владата на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовкси и Миле Јанакиески, кои од пред два дена се во притвор заради сомнение за вмешаност во организирање на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.

 

„Делегацијата на ЕУ остро осудува каква било форма на насилство и изразува загриженост за инцидентот што се случи во затворот во Шутка. Очекуваме истрага за овој инцидент и да се сносат последици“, стои во пишаната изјава на Делегацијата на ЕУ во врска со инцидентот во затворот во Шутка.

 

Премиерот Зоран Заев пак денеска побара оставка од директорот на затворот во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски.

 

„Во затворот секој треба да си ја врши работата и да не дозволува ни намерни ни ненамерни инциденти. Секое лице што доаѓа таму лишено од слобода треба да биде безбедно. Со оглед на тоа што Владата го именува директорот на затворот во Шутка, очекувам тој во понеделник до Владата да поднесе оставка“, рече премиерот Заев на денешната конференција за борба против корупција.

 

Министерката за правда, Рената Дескоска, вчера истакна дека очекува сите надлежни институции професионално и одговорно да го расветлат случајот, а потоа и да поведат постапки за санкционирање на сторителите на насилството, но и на сите оние кои не презеле мерки за спречување на вакви ситуации.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.