Здравството не само во Прилеп, туку и во цела Република Македонија го урниса ВМРО-ДПМНЕ со неразумната политика во здравствениот систем. Тие доведоа една состојба во сите здравствени установи во Република Македонија да се намали, ако не и преполови бројот на специјалисти, во сите области, во претходните 10 години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Истакна на денешната прес конференција директорот на општата болница во Прилеп, Драган Богоески.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Во општа болница Прилеп драстично е намален бројот на специјалисти во одредени одделенија, затоа што раководните кадри во општа болница Прилеп претходните 10 години, од 2007 до 2017 година, поставени од ВМРО-ДПМНЕ не воделе квалитетна политика на упатување на доктори на специјализација.
Имено во период од 2013 до 2017 година се упатени на специјализација само 18 доктори, а особено да напоменам дека сегашниот координатор на општинското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кога беше директор во 2016 и 2017 година, успеал да упати на специјализација само 5 доктори. И тој најдува за право да критикува дека сегашното раководство не води сметка за упатување на кадри на специјализација.
Зошто не заминаа доктори во март 2019 година е прашањето од ВМРО-ДПМНЕ ? Затоа што програмата за 2018 година, која е прифатена од владата на РМ од претходната влада, беа предвидени несоодветни специјалности, а менаџерскиот тим ги анализираше состојбите во одредени одделенија и специјалности и се заклучи дека најнеопходно е да се упатат доктори на специјализација по неурологија, ортопедија, анестезија, интерна медицина, каде во иднина ќе се случи најголем недостаток на специјалисти.
Заради непланското упатување на специјализација во изминатиот период од страна на раководните кадри на ВМРО-ДПМНЕ во општа болница Прилеп, како што е изнесено во пресот од ВМРО-ДПМНЕ, точно е дека во некои одделенија, хируршко, ортопедско, ќе се намали бројот на специјалисти, со што функционирањето на тие одделенија ќе биде отежнато. Но да напоменам уште еднаш, тоа не е по вина на сегашното раководство, кое е од 2017. Две години е мал период за да се промени бројот на специјалисти, туку по вина на претходните кадри на ВМРО-ДПМНЕ, докторот Богатиноски Илија и докторот Ристески Петар. Имено во период од 2013 до 2017 година, тоа се 4 години, кога овие двајца беа директори во општа болница Прилеп, на специјализација се упатени само 18 доктори, а сега за 2019 ќе бидат упатени на специјализација 15 доктори. Можете да споредите колкава е разликата на докторите што се упатувале во тој период од 4 години и што ќе се упатат сега на специјализација.
Заради неадекватното упатување на специјализација на доволен број доктори во претходните 10 години за време на директорувањето на кадри од ВМРО-ДПМНЕ, во повеќе одделенија е намален бројот на специјалисти, и тоа во некои драстично. Хируршко одделение пред 10 години имало 10 специјалисти, сега се 5. Во интерно имало 15 и можеби 16, сега се 11. Во гинекологија имало 5 специјалисти, сега се 3. Во детско имало 5 специјалисти, сега се 3. Во невропсихијатриското одделение има само еден неуролог. Тоа не е по вина на сегашното раководство, туку по вина на претходните кадри.
Што се однесува информацијата дека е потпишана согласност за префрлање на 2 докторки во Скопје, точен е податокот дека префрлена само една докторка, во градска општа болница Осми септември, по барање на Министерството, заради поизразен недостаток на кадри во таа болница. Во општа болница Осми септември, бивша Воена болница, има најголем недостаток на кадри во однос на другите болници.
Што се однесува на набавката на нова опрема, во период од 2017 досега е набавена медицинска опрема во голема мера и тоа: два операциони стола, плазма стерилизатор, столб за ортоскопија, 10 пациент монитори, еден анестезиолошки апарат, 2 холтери за крвен притисок, 2 холтери за екг, што ги немало досега, санитетско возило сме набавиле, електро физиолошки апарати за одделението за физикална терапија, каде тие апарати што ги имаат и со кои работат се 20 години стари. Апарат за ласерска терапија, што прв пат се носи во болницата во Прилеп за третман во одделението за физикална терапија. Ехо апарат во хируршко одделение.
Во тек е набавка, веќе е завршен тендерот и избрани се добавувачите и до крај на месец март ќе се донеси опрема во поголема мера и тоа: ехо апарат за детско одделение, еег апарат за нервно одделение, ресектоскоп за урологија, тоа е апарат за кршење камења во мочниот меур, 6 бифазични дефибрилатори, има само еден или два моментално, 4 автоматски дефибрилатори за возилата санитетски кои треба да ги имаат за време на транспорт. Аудио метар кој е од пред 20 години во бившо ушно одделение, флексибилен ларингоскоп за оторинголарингологија, 8 пациент монитори, 12 екг апарати, стереоскопски биомикроскоп за очно одделение, 10 перфузори – апрати за давање на терапија, 7 инфузиони пумпи, видео камера за столб за ендоскопија за урологија, пиштол за корбиопсија – која ќе почни нова метода да се работи во болницата, батериски бојлер за ортопедско одделение, 6 аспиратори. Тоа е што се однесува до критиката дека болницата не набавува нови медицински апарати.
Прашањето дека директорот купувал ѓезвиња и микробранови печки. А зошто е тоа направено? За заштеда на потрошувачката на електрична енергија. Некој размислува, а не само да иди на работа, да седи на столчето, да си оди дома и да се шета низ градот, како бивши директор. Имено во 2018 година е спроведен зафат за поставување на сензори за контрола на осветлувањето по ходниците и заменети се сите светла со штедливи лед сијалици. Исто така, од сите оддленија се повлечени сите решоа и греалици, решоа кои беа користени за варење кафе и беа големи потрошувачи на електрична енергија, од причина што тие по цел ден беа вклучени, не ги исклучуваа за да може брзо да им се свари кафето. Сега ги заменив сите тие решоа со електрични ѓезвиња за кафе и микробранови печки за притоплување доколку имаат потреба вработените. Како резултат на овие зафати доста е намалена потрошувачката на електрична енергија. Имаме конкретни докази за нештото. Претходно сме трошеле во февруари 2018 година 832.300 денари за струја, додека сегашната сметка е 701.000 денари. Се работи за разлика од 131.000 денари, што е околу 2.200 евра заштеда, што не е мала работа. Зафатот е спроведен заради штедење на електричната енергија.
Ова се должи на домаќинското менаџирање на болницата од страна на сегашниот раководен тим, што не може да се каже истото од претходниот, Петар Ристески. ЈЗО општа болница Борка Талески Прилеп, за време на владеењето на Ристески плаќала сметка за мобилни телефони од 30.000 денари месечно. Сега потрошувачката за мобилни телефони е 8.900 денари, за истиот број корисници на телефони. Исто така намален е и бројот на непотребни мобилни. Разлика од 20.000 секој месец за мобилни телефони. Фиксната телефонија за време на владеењето на докторот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ плаќале 65.000 за фиксна телефонија, а сега плаќаме 37.000 за фиксна телефонија, пак околу 30.000 разлика. Не може некој да кажува дека не се води домаќински болницата во Прилеп. Каде што имаме можности гледаме да ја намалиме потрошувачката, да ги намалиме трошоците непотребни за одредени работи.
Разбирам дека работа на опозицијата е да критикува, ама треба да критикува со факти, а не со рекла-казала. Можам да кажам дека фактите го покажуваат спротивното од она што опозицијата го тврди за работењето во општа болница Прилеп“, истакна Богоески.