По скандалот, Министерството за култура ги објави финалните резултати од конкурсот за поддршка на проекти

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерството за култура на својата веб-страница ги објави финалните резултати од годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година. Оттаму велат дека повторното разгледување на пријавите било извршено во согласност со принципите на професионалност, разновидност и креативност следејќи го гласот на културните работници и професионалци.

 

Така, сега, Фестивалот на детска песна „Златно славејче“ доби 400.000 денари, Интерарт културниот центар за проектот Скопје танцов театар доби 500.000 денари, ДМУ самоорганизација букинг ДООЕЛ за проект „Авалон повикува“ која побарала 20 милиони денари добила милион.

 

Фестивалот „Макфест“ доби милион денари, „Охридско лето“ добило најмногу – дури 25 милиони денари, а побарало околу 50 милиони денари, Скопскиот џез фестивал 2019 доби 3 милиони денари плус милион денари за фестивалот Офф фест.

МОБ за Мајски оперски вечери доби 5,9 милиони денари. Културно уметничкото здружение „Џезинг арт“ од Тетово за проектот „Џезфест Тетово 2019“ доби 1,5 милиони денари, а здружението „Дитуриа“ за проектот „Гранд при 2019“ доби милион денари.

Здружението „Алегрето“ од Тетово за истиот проект „Сцена на албанска сериозна музика“ добило два пати, барем според објавената листа на Министерството за култура, – еднаш 3 милиони денари, а друг пат 1,1 милион денари.

 

За монографијата „Македонска рок дискографија“ се издвоени 200.000 денари.

 

Од Министерството за култура велат дека со цел во иднина да се избегнат недоразбирањата или недостатоците при јавните конкурси, како и начинот на бодирање и моделите на финансирање на проектите во културата, културните оператори може да дадат свој придонес во изготвувањето нов современ закон за култура со кој овој ресор ќе ги добие сите потребни системски решенија за кои се залага и се во интерес на културната јавност во државата.

 

Во меѓувреме во Собраните утре ќе започне надзорната расправа на која ќе се проверуваат апликациите кои добиле средства. Според ВМРО ДПМНЕ станува збор за фирми и здруженијата, кои биле формирани неколку денови или месеци пред отворањето на конкурсите. Од опозицијата обвинуваат дека проектите од недвижно културно наследство биле ограничени на 300 илјади денари, наспроти милионските суми за фризерски и други манифестации, а спорна е, велат и компетентноста на членовите на комисиите, кои одлучувале за апликациите.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи