ВИДЕО – Селекцијата на отпад, пречистителната и мерната станица за воздух, автобусите на метан – причина за титулата најеколошка Општина

Од страна на компанијата Пакомак, Општина Прилеп ја доби титулата за најеколошка Општина за 2018 година. Главниот критериум за кое што се доделува оваа титула е тоа што Прилеп и понатаму останува лидер во примарната селекција ан отпадот во Македонија. Прилеп годишно селектира колку сите градови заедно во Македонија, вклучувајќи го тука и Скопје. Со овој проект кој започна во 2008 година досега се поделени околу 21.000 канта на прилепските домаќинства, со жолта и зелена боја, во кои тие го селектираат отпадот. Другите критериуми се пуштањето во употреба на пречистителната станица, најсовремена во Македонија со капацитет да опслужува околу 100.000 граѓани, како и поставувањето на мерната станица за мерење на квалитетот на воздухот, која кон крајот на месецот ќе започне и официјално со својата работа.

 

 

„ Да кажам само кои се причините што неслучајно Прилеп е избрана за најеколошка општина. Прво пречистителната станица која што ја ставивме во употреба минатата година. Сите знаеме дека кошта околу 23 милиони евра, направена е за околу 100.000 жители и е најсовремена во нашата држава. После прочистувањето на градската река во пречистителната станица, водата што излегува после таа станица е почиста, побистра и сите оние села кои се најдуваат по должината на текот на градската река имаат почиста вода за одгледување на земјоделските и градинарските производи. Прилепчани кои што добиваат зеленчук, овошје, земјоделски и градинарски производи од тој дел, сите ние ќе го имаме тој бенефит, таа придобивка. Вториот дел, како општина почнавме со реализација на гасификацијата на нашиот град. Во тек е постапката, тендерската документација и проектната документација е направена, почнат е тендерот за проектната документација за секундарната и терциона мрежа во градот, што е еден од условите за да имаме почиста животна средина, затоа што загадувањето ќе биде помало. Третата работа која што влезе во критериумите на ова признание е добивањето на четирите автобуси ЦНГ на метан, кои што се еколошки, еко 6 минимално загадување и во Македонија ќе бидеме првата општина што ќе има вакви ЦНГ автобуси, кои што сигурно ќе придонесат за намалување на аерозагадувањето на нашиот град. Како четврта компонента што беше како критериум за добивањето на ова признание е добивањето на мерната станица, мерниот инструмент за амбиенталниот воздух во нашиот град. При крајот на минатата година ја добивме таа мерна станица“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се разговарала и за поставување на уште неколку мерни станици за квалиитетот на воздухот во Прилеп, додека пак најава за поставување на 20 до 30 помали мерни станици од компанијата Инфо Проект по се изгледа нема да се реализира.

 

„ Со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, оние што ни ја донираа нашата мерна станица, јас неколку пати се сретнав со екипата која работи на оваа проблематика, се сретнав со заменик министерто за животна средина Макрадули и ми беше советувано да не брзаме со тој начин, затоа што ако има можност да се постават уште 2-3 вакви станици, што би ги добиле од Универзитетот „Гоце Делчев“, тогаш можеби ќе нема потреба да ставаме 20-30, затоа што тие се на пониско ниво од овие мерни станици. Значи ги разгледуваме сите аспекти, и стручни и финансиски и ќе одлучиме кој тип, но во секој случај ќе сакам да знам точно која е концентрацијата на ПМ10 честичките и загадувањето на амбиенталниот воздух во нашиот град“, додаде Јованоски.

 

Еден од главните виновници за оваа титула најеколошки град е ЈКП „Комуналец“ и селекцијата на отпад. Досега вкупната распределба на комунална инфраструктура за селекција, канти за отпадоци, по куќи е 63%, додека станбено и институционално е 100%. Најголем процент на население кое не сака да се вклучи во селекцијата е во населбата Тризла. Комуналец планирал наскоро нови инвестиции за примарната селекција, но засега не се знае дали ќе се оди на инвестиции во секундараната селекција и што ќе се случува со погонот кој претходната власт сакаше да го отвори кај депонијата Алинци, за кој пак беше набавена и дел од опремата.

 

„ Во однос на селекцијата, да Прилеп е лидер. Напори прават и други општини, но се многу многу подалеку, затоа што тоа е активност која што во Прилеп започнала неколку години пред нив. Она што во моментот го правиме е набавката на голема 50 тонска преса, која е од проектот на ИПА програмата и ќе биде од Европската Унија. Наскоро ќе биде распишан тендерот и ќе биде машината донесена. Таа преса многу ќе ни помогне во селекцијата на отпадот, меѓутоа тука нема да застанеме. Сакаме да ја прошириме селекцијата, но тоа нека остане за во иднина“, кажа Ирена Станковска, директор на ЈКП „Комуналец“ Прилеп.

 

По повод Денот на екологијата денеска во Прилеп се засадија над 300 садници кои ги донираа повеќе компании, а се чистеше на повеќе места како Паркот на Револуцијата, просторот околу манастирот кај Селце, патот за селото Волково, патот до депонијата Алинци. Во акцијата учествуваа и сите ученици во средните и основните училишта.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien