Нов Зеланд воведе забрана за автоматско и полуавтоматско оружје поради крвавиот терористички напад

Сите воени полуавтоматски оружја, автоматски пушки и шаржери со голем капацитет ќе бидат забранети на Нов Зеланд по нападот на две џамии во Крајстчрч, во кој загинаа 50 лица, соопшти денеска премиерката Џасинда Ардерн.

 

„Забраната за сето полуавтоматско оружје од воен тип важи веднаш. Ги забрануваме исто така и јуришните пушки“, изјави Ардерн.

 

„Историјата ни се промени засекогаш. Сега ќе се променат и законите“, рече премиерката.

 

Околу 1,2 милиони парчиња оружје се во оптек во земјата, покажуваат податоците на полицијата на Нов Зеланд, односно – по едно на секој трет човек. Ардерн рече дека процесот на откуп на оружјето ќе ја чини државата помеѓу 100 и 200 милиони долари.

 

Во меѓувреме, гувернерот на Нов Зеланд, генерал Петси Реди потпиша наредба за прекласификација на некои полуавтоматски оружја во „воени оружја“. Како резултат на тоа, многу луѓе кои законски поседувале огнено оружје повеќе нема да можат да ги поседуваат според новите услови за лиценца.

 

Одлуката за забрана на автоматското и полуавтоматското оружје наиде на големо одобрување меѓу новозеландската јавност. И без да чекаат да биде донесен законот, тие веќе почнаа да се откажуваат од оружјето. Оние кои нема да го предадат ваквото забрането оружје во определениот рок, ќе се соочат со парична казна од 4.000 новозеландски долари и  три години казна затвор.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien