„Фејсбук“ избриша илјадници профили од Македонија, Косово, Иран и Русија

Лажните профили од Македонија повторно се најдоа на удар на најголемата социјална мрежа во светот. „Фејсбук“ денеска соопшти дека се отстранети илјадници профили и групи кои манипулирале со мрежата.

 

Сите отстранети профили користеле слична тактика на креирање мрежи на профили со цел да создадат лажно мислење за тоа кои се и што претставуваат.

 

Операцијата на “Фејсбук“ воглавно била насочена кон лажните профили и администратори на групи и страници од Иран и Русија. Од овие земји се отстранети најголемиот дел од содржините и тоа 513 од Иран, и 1.907 од Русија.

 

Во соопштението на „Фејсбук“ за акцијата, Македонија и Косово се сместени во истата анализа, па тешко е да се дознае колку точно од отстранетите лажни профили потекнувале од Македонија.

 

„Лицата зад овие активности одржувале лажни профили за да администрираат страници за споделување, а најчестите содржини биле од областа на астрологијата, славните личности и совети за убавина“, наведува „Фејсбук“ во делот кој се однесува на Македонија.

 

Мал број страници биле поврзани или се претставувале како претставници на политички заедници во Австралија, Обединетото Кралство, САД, и најчесто постирале содржини на верски и политички теми. Конкретно станува збор за 40 страници и 172 индивидуални профили на Фејсбук кои им припаѓале на мрежа на поединци од Македонија и Косово. Страниците ги следеле нешто помалку од 700 илјади профили.

 

По бројните критики на негова сметка, „Фејсбук“ во последните месеци засилено ги контролира и блокира профилите, групите и страниците кои објавуваат лажни вести и профили, радикални содржини и манипулации.

 

„Ние постојано работиме на откривање и запирање на овој вид на активност, бидејќи не сакаме нашите услуги да се користат за манипулација со луѓето“, се наведува меѓудругото во соопштението од „Фејсбук“.

 

Македонија веќе се најде во центарот на вниманието на светската јавност кога за време на претседателската трка во САД, група спамери од Велес преку „Фејсбук“ страници со лажни вести ја манипулираа јавноста.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien