Народен правобранител: Партиски реваншизам и двојно повеќе поплаки за партиски вработувања

Народниот правобранител изминатата година имал полни раце работа за што говори бројката од речиси 4.500 претставки. Граѓаните најмногу се жалеле на работата на судската власт, политичкиот реваншизам, партиските вработувања, наместени конкурси.

 

60 отсто бил зголемен и бројот на поднесени барања за повреда на првата од работниот однос. Граѓаните се жалеле за наместени партиски конкурси, несоодветно распределување на работно место поради партиска припадност, како и на непродолжување на договорите за работа.

 

„Констатиравме дека продолжува праксата на партиски реваншизам по спроведување на изборите, што особено беше видливо во сфетата на образованието и детската заштита при изборот на кандидати за вработување, но и при трансформација на вработените од определено на неопределено време. Ниту констатациите на инспекциските надзори во однос на избраните кандидати не нè убедија дека на објавените конкурси за вработување се избираат лица со најдобри компетенции“, истакнаа од канцеларијата на Народниот правобранител.

 

Народниот правобранител, понатаму наведува дека поради ваквиот однос, граѓаните се чувствуваат дискриминирани – ова посебно било нагласено кај административните службеници во единиците на локалната самоуправа.

 

Во 2018 биле поднесени дури 947 претставки за работата на судовите и оваа бројка е двојно поголема од претходната година, покажуваат анализите на народниот правобранител.

 

„Долгото траење на постапките е основен проблем за кој се бара заштита, а голем е и бројот на поплаките на граѓаните што изразуваат незадоволство од судските одлуки за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно и под притисок на политичка мотивираност“, стои во извештајот.

 

Извештајот за почитување и повреди на човековите права, Народниот правобранител ќе го достави до Собранието.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien