По германската нула, итен состанок во Владата

Откако вчера и дадоа нула на Владата, вицепремиерот Кочо Анѓушев утрово на итен состанок ги свика германските инвеститори за од прва рака да слуше зошто ниту една од нив не ја оценува како добра работата на Владата.

 

Според анкетата што беше презентирана, ниту една од 200 германски компании во земјава не дала добра оценка за работата на Владата. 49 проценти ја оцениле како задоволителна, а дури 46 проценти како лоша. Останатите 5 проценти не сакале да коментираат.

 

По состанокот, Патрик Мартенс од Делегација на германско стопанство, се обиде да ги ублажи вчерашните жестоките критики. Сега, фокус стави на позитивните бројки од анкетата, но порача дека има простор за подобро функционирање на институциите.

 

„Владата е наш партнер меѓутоа треба заедно да работиме за да го задржиме ова ниво. Во рамки на истражувањето имавме исход дека 78 проценти од странските инвеститори велат дека повторно би инвестирале во Македонија. Ова високо ниво треба да го задржите со тоа што ќе работите уште подобро“, изјави Мартенс.

 

Вицепремиерот Анѓушев кажа дека јасно виделе во анкетата зошто се лоши податоците од германските инвеститори, но дека ситуацијата не е толку лоша. Ќе прават анализи и ќе работат на подобрување на состојбата.

 

„Главните причини се однесуваат на тоа дека сакаат малку попредвидлива политика во економијата, односно навреме да бидат информирани за промените во даночната политика и во делот на минимална плата, а воедно искажаа одредени потреби царинските тарифи да бидат прилагодени на европските“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.

 

Во анкетата на Делегацијата на германското стопанство која што беше објавена вчера, германските инвеститори ја оценија работата на владата во областа на економијата со нула. Сметаат дека Владата се посветила на политиката, а го изгубила фокусот на економијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien