ВИДЕО – Еурокомпозитовци : Утре нема да ги пуштиме Заев и Анѓушев да влезат во Општина ако не се сретнат со нас

Во понеделник заминуваме за Скопје на штрајк со спиење пред Влада, а утре ќе ги пречекаме Заев и Анѓушев пред Општина Прилеп и ако не се сретнат со нас нема да им дозволиме да влезат. Ова денеска револтирано, на протестот пред Еурокомпозит, го истакнаа поранешните вработени во оваа државна компанија кои заминаа како технолошки вишок, а наместо по 90.000 денари имаат замено само по 30.000 денари отпремнина. 24 мина пак имаат земено по само 5.000 денари отпремнина.

 

 

„Понеделниик сме подготвени да одиме на штрајк пред Влада со спиење и минатиот пат го кажав тоа, дури не се реши проблемот од Скопје не заминуваме. Добивме сознание дека еве утре Анѓушев ќе доаѓал во Прилеп, најверојатно заедно со премиерот Зоран Заев, па ќе појдиме пред општина, ќе ги пречекаме, знаеме дека полицијата нема да не остави, ама ние ќе сториме напори дури не не примат да разговараме нема да ги пуштиме во Општина. Па ако сакаат нека не затворат сите. Ова повеќе не се издржува крајно е, само не лажат. Премиерот велеше и дека има странски инвеститор и ако не се заврши работа со него до крајот на февруари Владата со државни средства ќе интервенира од 3 милиони евра и ќе го реши проблемот. Еве помина и март од тоа нема ништо, значи се е лага и купување на време“, рече Жарко Талески, поранешен вработен во Еурокомпозит.

 

Талески додаде дека вицепремиерот Анѓушев вчера преку некои медиуми ветил дека проблемот во Еурокомпозит ќе се реши за околу месец и половина.

 

„Сношти на една телевизија беше гостин Анѓушев му поставив телефонски прашање и тој рече дека имало 2-јца заинтересирани инвеститори, во најскоро време ќе се решел проблемот и приоритет ќе било да се исплати отпремнината на луѓето и последните 3 плати. И самиот призна дека има уште многу плати неиспалтени, но кажа дека ќе се исплаќале тие процентуално. Што значи пак си купуваат време. На 8-ми март шефицата на кабинетот на Анѓушев повика 3-јца членови од нашиот иницијативен одбор и им вети да седиме мирни, да не протестираме и дека до 22 март во целост ќе ни била исплатена отпремнината. Еве ние бевме мирни 2 недели, денеска сме 29-ти, помина 22-ри, а нема ништо од отпремнината. Велеа дека ќе потпишеле некој договор за шлемови, ќе се авансирало, сега се слуша дека нема никаков договор “, додаде Талески.

 

Поранешните вработени го обвинија директорот Златко Граороски дека учествувал во манипулациите со нив.

 

„Директорот сакам да го споменам тука кој ни ветуваше дека има договор. Преку претставникот на општествениот капитал на 8 март ни беше кажано дека за неколку дена, недела до две, ќе бидат исплатени сите отпремнини. Директорот ова маестрално го изигра, ова се виде дека беше само една игра, нема ниту договор, ниту пари има. Тој не е сам, поврзан е со некој од власта и заедно го имаат правено ова сценарио. Еве сега Анѓушев ветил месец и половина да почекаме, но вака по месец и половина ветува веќе 2 години откако дојдоа на власт. Директорот ако е доблесен да слези овде да му се извини на овие луѓе кои ги лажеше 5 месеци. Незнам кој му дозволил да води фирма, треба да си замини и да дојде вистински менаџер“, вели Пеце Вељаноски, поранешен вработен во Еурокомпозит.

 

Фирмата во моментов според поранешните вработени била во незавидна положба.

 

„Пред да си заминиме бевме 250 вработени од кој 150 производни работници и неможеа да извадат пари за 60-70 мина административци. А сега во фирмата има 60-тина административци и само 10-тина производни работници. И заклучете сами дали тие 10-тина производни работници можат да извадат плата за 60-тина административци“, истакна Цветан Бунтески, поранешен вработен во Еурокомпозит.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien