ВИДЕО – Во Прилеп одбележани 70 години од основањето на НАТО

По повод одбележување на Денот на НАТО, а во рамки на активностите од НАТО неделата, Министерството за одбрана и Армијата во соработка со Општина Прилеп, денеска пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ организираа Отворен ден за граѓаните на општина Прилеп.

 

Пред присутните претставници од општествениот и јавниот живот на градот, меѓу кои и градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски и други граѓани на Прилеп, свое обраќање имаше Бригадниот генерал Орце Јордев.

 

 

„Како претставник на Министерството за одбрана и Генералштабот на армијата, ми претставува особена чест и привилегија денес да бидам на овој настан организиран по повод на денот на НАТО. На 4 април се одбележува 70 годишнината од формирањето на Алијансата и тоа е повод уште еднаш да го прославиме нејзиното ексклузивно и безвременско значење, не само за нејзините земји членки, партнери и поддржувачи, туку и за сите луѓе, држави, заедници кои ја разбираат и веруваат во нејзината глобална улога како гарант на стабилноста и мирот, денес и во иднина.

 

Процесите кои се отворија на почетокот на оваа година претставуваат уште една потврда на намерата и посветеноста на нашата земја да продолжи да работи на полноправното членство, како наша најважна стратешка цел, за која длабоко сум убеден дека ќе се оствари до крајот на оваа година.

 

Нашата татковина нема друга алтернатива освен членството во најмоќниот модерен систем за колективна безбедност. НАТО не е само сојуз на држави со заеднички вредносен систем кој се базира врз консезуално одлучување, НАТО е алијанса на целосно независни држави кои постојат и одлучуваат како такви. Откако целта за членство во НАТО ќе се постигне, тоа веднаш овозможува поставување на нови цели, бидејќи само членството открива нови можности и станува средство за нивна реализација.

 

Драги пријатели, тука, на овој простор има многу млади луѓе. Тие се полни со ентузијазам и посветеност за идејата на НАТО. Верувам и дека еден дел од вас овде присутните ќе бидат дел од армијата и униформата. Всушност и сум сигурен дека еден дел од овде присутните војници и старешни во блиска иднина ќе бидат на национални или меѓународни позиции во НАТО, во неговото седиште, во команди и комитети на целата негова цивилна и воена структура. Вие ќе бидете сведоци и учесници во нова фаза во развојот на Алијансата и ќе работите за НАТО, заради континуираното модернизирање на колективниот безбедносен систем за кој како што кажав, не постои алтернатива. Ова ќе развие многу големи способности“, истакна Јордев.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи