ВИДЕО – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат околу иконостасот во Прилеп, но нема одговор зошто истиот 30 години никој не го заштитил

И додека иконостасот стар скоро 180 години во црквата Свето Благовештение во Прилеп со децении се распаѓа, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат кој бил виновник за таа состојба без притоа да кажат зошто ниту една Влада досега не превзела буквално ништо во последниве 30 години. Црквата денеска ја посетија пратениците од редовите на СДСМ во Прилеп, градоначалникот и директорот на музејот.

 

 

„12 години македонската јавност е сведок на формалната поддршка која претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ја даваше на црквата, меѓутоа суштински никаква помош“, изјави Хари Локвенец, пратеник од СДСМ.

 

Директорот на музејот рече дека Владиката Петар влегол во кампања на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што во неделата повика итно да се заштити иконостасот, а претходно со години молчел за тоа. Вети дека наскоро ќе се реализирал проект за негова заштита, иако Министерството за култура годинава го одби истиот проект.

 

„Нашата институција уште лани обезбедени средства со итна пренамена за санација на иконостасот. Но стручниот тим предводен од Управата за заштита на културно наследство откако направи детална проценка на состојбата побараа од нас да извршат истражувачки работи на иконостасот, како на дрвениот дел така и на сликаните површини и како резултат на тоа да се направи проект за конзервација на иконостасот. Сакаме да ја увериме јавноста дека тој проект е изготвен и дека го очекуваме решението од Министертсвото за култура за да почнеме со активности. Ја споделуваме загриженоста на Митрополитот Петар, но прашуваме дали со оваа негова изјава тој не се става во функција на предизборна кампања. За оваа проблематика во ниту една негова прес конфереција во последниве 11 години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ не покажа ваква грижа за иконостасот“, рече Благоја Атанасоски, дииректор на Завод и Музеј Прилеп.

 

Oд ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение потенцираа дека токму Хари Локвенец е еден од тие кои треба да сносат одговорност за овогодинешната најскандалозна програма на Министерството за култура каде Прилеп не постои и одбиен е проектот за црквата Благовештение, а денеска без грам срам излегувал и обвинувал како да се уште опозиција.

Свештениците кои со години бараат негова заштита повторно порачаа дека ако иностасот не се заштити тој може да се урне.

 

„Црвојаднината си го сторила своето. Се појавува трулеж. Резбата можеби не е толку алармантна, но носечките столбови кои го крепат иконостасот се во катастрофална состојба. Не е далеку денот кога постои опасност иконостасот со оваа голема маса и висина која ја има да падни кон народот, па да не даде Господ да доживееме и таква ситуација па да има и човечки жртви“, рече протоереј ставрофор Благоја Станкоски, архиерејски намесник.

 

Иконостасот е трет по вредност во Македонија после оној во Бигорскиот манастир и црквата Свети Спас во Скопје, а го изработила тајфата на познатиот копаничар Петре Филипоски – Гарката. Носечките столбови на иконостасот се испукани и изедени од црвојадина. Дел од помалите икони кои се на него се тотално уништени, а уникатните резби секој ден стануваат се пооштетени од забот на времето.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи