ВИДЕО – Силјановска Давкова : Смилковско езеро е терористички чин, но сеуште нема правда, во Македонија има само непотизам, криминал и корупција

Чест е да се зборува во Прилеп затоа што тука започнала борбата за Македонија, борбата за македонските правдини, но за жал денес во Македонија нема ниту право, ниту правдини. Ова вечерва го истакна кандидато за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Гордана Силјановска Давкова. Силјановска Давкова истакна дека и 7 години по убиството кај Смилковското езеро сеуште немало правда, а премиерот Зоран Заев изјавувал дека дури има и снимки за тој случај. Според Давкова во моментов во Македонија имало само непотизам, криминал и корупција.

 

 

„Но она што денес мене особено ме вознемирува е годишнината, 7 години од Смилковското Езеро, настанот што со право може да се нарече терористички, без право и правда. Е тоа е државата во која што живееме. Тоа не го заслужуваат невините луѓе, тоа е атак врз уставниот поредок, тоа е терористички чин. Меѓутоа, правен епилог нема. Да потсетам што велеше премиерот тогаш, дека има снимки, дека никој нема да остане неказнет, но се чини дека во името на коалиционите партнери, правото и правдата не стигаат. Можам да ги замислам родителите на младите луѓе, како да веруваат тие во правната држава. Затоа ние повикуваме на право и на правна држава. Ние ќе се раководиме од уставот и законите, ние ќе го оставиме судот да суди, ние нема да се мешаме во судската власт. Ама додека е премиерот претседател на Советот за судски реформи, право и правда нема да има. Оти правото и правдата, законите и уставот постојат за граѓаните, не за да се декларираме пред ЕУ дека имаме устав и закони. Но правото и правдата кога ги нема во реалноста, уставот и законите се обичен декор.

 

 Ние тоа сметаме дека не е доволно, ние ќе сториме се за да ги оживотвориме, за да ги примениме, за сите да бидеме еднакви пред нив. Да нема политички реваншизам, да нема селективна правда, катаден се соочуваме со скандали, со корупција, со криминал, со клиентелизам, со непотизам, станавме најскандалозната земја во Европа. А велиме дека набрзо ќе ги почнеме преговорите со ЕУ. Ме чуди, па нели минатата година го прославија почетокот на преговорите со ЕУ. Годинава само требаше да дојде јуни и ние да ги почнеме преговорите. Ама сега од ЕУ доаѓаат гласови дека е потребна подготвителна фаза. За што подготвителна фаза? Можеби знаете што е најлесно, како што го ставија знамето на НАТО пред да влеземе во НАТО, можеби ќе доживееме и за инспирација на ЕУ да го истакнат и знамето на ЕУ, да има за што да слават“, истакна Силјановска Давкова.

 

Според Давкова Уставот и законите не се почитувале, економијата била нула, а 78% од анкетираните млади сакале да се иселат од Македонија. Тоа морало веднаш да престане. Силјановска Давкова рече дека доколку станела претседател во нејзиниот кабинет немало да се работуваат партиски луѓе, туку луѓе со критичко размислување. Таа се осврна и на Преспанскиот договор и рече дела политиката во никој случај не смеела да биде над правото и законите, затоа граѓаните имале право на отпор против лошите закони.

 

„Им помина мандатот во преговори и разговори. Замислете, 26 мина од кои само 4 жени, нон стоп разговараа и преговараа, толку многу за овие две и повеќе години, што не успеаја да направат ниту една реформа. Финансирање на неквалификувана администрација, податоци и немаме за администрацијата, фигурираат различни бројки, дури и сами не се усогласени. Премиерот зборува за дури 40.000 нови вработувања, министерот за финансии вели дека се 28.000 вработувања, министерот за информации вели дека се 25.000 вработувања, не знам која е вистинската бројка, но резултатот од нивната работа е нула.

 

И во меѓународното право и во националното право, најважно е да се почитуваат нормите. Политиката не смее да излезе надвор од правото. Јас предавам за добри и лоши закони, ама потсетувам дека од античкото време до денеска се вели дека граѓаните имаат право на отпор кон лошите закони. Затоа добри луѓе, на 21 април треба да им кажеме дека нивното време заминува. Ние се грижевме досега, време е тие да се грижат. Време е да им покажеме дека се што ни сторија, нема да дозволиме да продолжи, дека се што направија е нелигитимно, дека тоа што не повредија, ни го срушија достоинството, не понижија, дека е неподносливо, дека ние најмолчеливите на референдумот сега ќе бидеме најгласни. Зошто тој глас ќе се провлече до септември, кога ќе мора да има предвремени парламентарни избори, а тогаш се знае кој ќе победи. Оние што ги поддржувате вие, тоа ќе биде почетокот на новото време“, додаде Силјановска Давкова.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи