Во Прилеп се одржа Меѓународен концерт на слепите и слабовидните од Балканот

Со наслов  „Слепите од Балканот свират и пеат заедно“ вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа меѓународен концерт на слепите и слабовидни музичари од Турција, Бугарија и од Македонија.

 

Настапот е во рамките на меѓународната концертна турнеја низ пет градови во земјава организирана од Сојузот на слепите на Македонија. Музичарите од трите балкански земји докажаа дека нема хендикеп ниту граници за уметноста, особено за музиката. За нив е најбитно дружењето и воспоставувањето соработка.

 

„Доаѓаме од Турција. Тука сме за фестивалот на слепите музичари. Имаме настап овде во Прилеп. Тука сме прв пат. Атмосферата е убава, луѓето во Македонија се пријатни. Свириме турска народна музика“, вели Орхан Јетер од Истанбул, Турција, во името на својот петчлен музички состав.

 

На концертот учествуваат и претсвници од Регионална организација при Сојузот на слепите од Бугарија.

 

„Ќе имаме пет концерти во Македонија. Разменувае гостувања. Лани направивме концерти во Бугарија. Свириме естрадни, народни и македонски песни“, вели Тодор Митев од Софија, Бугарија.

 

 

Задоволна од соработката и дружењето е и Сања Златкова, учесник, вокален исполнувач од Македонија.

 

„Станува збор за меѓународни концерти што ги организира Сојузот на слепи на Македонија и се први од ваков вид кај нас. Лани се одржуваа меѓународни концерти во Бугарија, сега во Македонија со гостите од Турција и од Бугарија. Целта е дружењето“, нагласува Златкова.

 

Обраќајќи им се на присутните во салата од прилепскиот Дом на културата, секретарот на Сојузот на слепите на Македонија Стерјо Димов рече дека во организацијата се околу 2.500 членови од 17 здруженија во Македонија. Уверен е дека се подобруваат условите и потребите на слепите.

 

„Нашата организација има за цел да ги подобри условите на членовите и да им го олесни секојдневниот живот со подобрување на нашите права и бенефициите во Македонија. Верувам дека надлежните институции имаат огромно разбирање за нашите потреби и верувам дека во иднина уште повеќе ќе се подобруваат условите за нашите членови“, рече Димов.

 

Присутните ги поздрави и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски нагласувајќи дека љубовта кон музиката и посветеноста се истакнувата во настојувањата на слепите и слабовидните и ја имаат поддршката од заедницата. По Битола и Прилеп, концерти ќе се одржат и во Кавадарци, Штип и во Струмица.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи