ВИДЕО – Учениците Македонци и Роми од ООУ „Добре Јованоски“ вистински пример за соживот – заедно се подготвуваат за Велигден

Со вапсување на јајца, правење посни слатки бомбици и декоративни украси учениците од основното училиште „Добре Јованоски“ од Прилеп го одбележаа Велики Четврток, предвесникот на најголемиот христијански празник Велигден, денот кога православните верници ги вапсуваат јајцата. Во ова училиште учат 80% деца од ромска националност, кои се претежно муслимани, а останатите 20% се македонци со православна вероисповед. Учениците со вистинска љубов едни спрема други велат дека различните религии уште повеќе ги спојуваат, а не ги делат.

 

 

„Ние со нашите другарчиња правиме Велигденски јајца, украси и слатки. Ние сме другарчиња, во секое одделение се дружиме, не смееме да се караме на часовите, треба да сме среќни и радосни“, вели Сејдо Исмаилоски, ученик во ООУ „Добре Јованоски“.

 

„Со сите мои другарчиња сакам да ја поздравам мојата наставничка и моите другарчиња сакам да гии почитувам како моии сестри и браќа. Ние работевме Велигденски јајца, ги боевме и гии украсувавме“, кажа Шакир Бајрамоски, ученик во ООУ „Добре Јованоски“.

 

„Ние иако сме христијани и муслимани треба секогаш да се дружиме, никого не треба да го делиме.  Ние сме секогаш вернии другарки и другари“, истакна Медина Садикоска, ученик во ООУ „Добре Јованоски“.

 

 

 

Вакви работилници учениците од ООУ „Добре Јованоски“ подготвувале за сите поголеми верски празници и христијански и муслимански. Наставничката Верче Чакмакоска истакна дека наредно на 6 и 7 јуни ќе оделе во посета кај некое ромско семејство за празникот Рамазан Бајрам.

 

„Со ова сакаме да покажеме и докажеме дека различни сме, а сепак исти. Нашите ученици секој ден соработуваат, другаруваат, делејќи ја и ужинката кога е потребно. Соработката со родителите Роми и Македонци е многу голема. По повод овој голем христијански празник учениците ја подготвија оваа работилница и еден краток драмски текст“, изјави Верче Чакмакоска, наставничка во ООУ „Добре Јованоски“.

 

 

Учениците од овој клас ја посетија бабата на една од ученичките кои им објасни повеќе околу празникот и како се вапсуваат јајцата на овој ден.

 

„Јајцата се бојадисуваат рано на сабајле, пред да изгрее сонцето, прво 3 јајца. Едно за Господ Бог Исус Христос и тоа го оставаме да ни стои цела година. Потоа за куќата и за бериќет едно јајце. Потоа ги вапсуваме другите јајца. Ги вапсуваме во црвена боја бидејќи таа е крвта на Исус Христос. Денеска е Велики Четврток и сите православни христријани во Македонија вапсуваме јајца“, потенцираше Евдокија Нунеска, баба на една од ученичките во ООУ „Добре Јованоски“.

 

Учениците ветија дека ќе ја посетат баба Евдокија и за Велигден кога таа треба да ги почести со по едно велигденско јајце.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи