ВИДЕО – Живот под секое човечко достоинство, јадат само тогаш кога ќе имаат, личната хигиена им е крајно запоставена, куќата се распаѓа

Живот под секое човечко достоинство. Куќата им се распаѓа, влегува вода кога врни и дува од сите страни поради искршените прозорци, а внатре пак не се седи од ужасната миризба и големиот број на муви. Не добиваат никаква парична помош од државата. Јадат само тогаш кога ќе имаат, а личната хигиена им е крајно запоставена. Ова е трагичната животна судбина на 6 членото семејство Јовчески од прилепското село Дупјачани. Сузана и Валентин Јовчески велат дека повеќе неможат да продолжат да живеат вака. Најмногу им било жал за нивните деца.

 

 

„Лежат така децата, нема што да јадат. Се нервирам и јас. До нула сме дојдени, не се живее повеќе вака. Ми се плачи, неможам повеќе да зборувам“, вели Сузана Јовческа, жител на с. Дупјачани.

 

Немаат скоро никаква покуќнина, дури и двата кревети кои ги имаат се комплетно искршени. Целото семејство има нарушено психичко здравје. Живеат само со минималната пензија од околу 8.000 денари која ја зема сестрата на Валентин. Поради тоа што немаат пари не ги земаат ниту потребните лекарства.

 

„Децата ми се ептен болни. Зимава едното дете 3 пати падна, имаше напади, ќе го голтнеше јазикот. Треба секој ден да пие апчиња, а немаме купено 5 месеци“, додава Јовческа.

 

„Дали сестра ми да ја носам на лекар, дали децата да ги носам на лекар, еве и јас не сум добар, се ме боли и нозе и раце“, вели Валентин Јовчески, жител на с. Дупјачани.

 

И Сузана и Валентин не се работоспособни.

 

„Неможам да одам ниту како аргат некаде, не сум способна“, кажа Јовческа.

 

„Нозе ме болат и раце, неможам ништо да кренам“, истакна Јовчески.

 

Социјалната помош им била укината во 2013 година бидејќи насадиле малку тутун, а им прекинал и додатокот кој го земале за детето кое сега наполнило 26 години. Молат за помош од државата.

 

„Имаме чешма, од таму топлиме вода во тенџериња и во корито се капиме, немаме купатило, немаме ништо, ама буквално ништо немаме и креветите каде спиеме се искршени, нема каде да спиеме“, вели Јовческа.

 

Од Центарот за социјална работа велат дека се запознати со семејството Јовчески. Потврдија дека на семејството му следува парична помош само требало да поднесат документи. Од Центарот истакнаа дека нивни тим повторно ќе го разгледал случајот.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien