Почина Питер Мејхју – глумецот што го играше Чубака во „Војна на ѕвездите“

Почина Питер Мејхју, актерот што го играше Чубака во филмовите „Војна на ѕвездите“, соопшти неговото семејство. Тој починал во својот дом во Тексас на 30 април, опкружен со своето семејство, се вели во соопштението.

 

„Семејството од „Војна на ѕвездите“ за него беше повеќе од само филмска улога. Повеќе од 30 години Питер патуваше насекаде низ светот за да помине повеќе време со неговите фанови и со пријателите“, пишува во соопштението од семејството на Мејхју.

 

Мејхју почина на 74-годишна возраст и зад себе остави огромно наследство како во филмската индустрија, така и во светот на поп-културата.

 

Питер Мејхју никогаш не престана да биде во улогата на Чубака, дури и надвор од костумот. Тој се појави во сите продолженија на „Star Wars“ до 2017 година, кога се откажа од актерската професија поради компликации на здравствената состојба.

 

Според Џ.В. Ринзлер, авторот на книгата „Правењето на Војна на ѕвездите“, Мејхју бил одбран за улогата на Чубака сосем случајно, откако дел од екипата на филмот го забележала насмеаниот џин во статија во магазин. Неговите 218 сантиметри височина биле совршени за улогата на Чубака, па веднаш решиле да го повикаат за да го проба костумот. Останатото е историја.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien