Три децении од искачувањето на првиот Македонец на Монт Еверест

Битолчанецот Димитар Илиевски – Мурато е првиот Македонец кој го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест, пред 30 години, на 10 мај 1989 година. И, за жал, остана на вечна стража на покривот од светот.

 

Македонската јавност никогаш нема да го заборави разговорот меѓу Димитар Илиевски-Мурато и членовите на македонската алпинистичка хималајска експедиција, што го водеа тој ден на Хималаите и легендарната фотографија на Димитар снимена на врвот на планетата, точно во 18 часот по локално време.

 

Диме како си?

– Ептен убо…, одговора Диме, по битолски…

– Диме сите сме горди со тебе! Браво Диме!

– И ние тука сме среќни, одговора Диме, придружуван од локалните шерпаси Сонам и Аџива и двата планинари од Хрватска и Словенија, Стипе Божиќ и Вики Грошељ, сведоци на историскиот настан.

 

Како што е познато на 10 мај 1989 година Димитар Илиевски-Мурато, член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“ се искачи на највисокиот врв на светот, развиори знаме, и дури 80 минути бил на највисоката точка на планетата Земја, но за жал не успеа да се врати до базниот логор, останувајќи вечно на Хималаите.

 

Покрај Илиевски, македонската експедиција која беше предводена од Јован Поповски, ја сочинуваа уште и Горазд Росоклија, како заменик-водач на експедицијата, Борче Јовчевски, Владимир Бошковски, Страшо Лозаноски, Ѓорѓи Костовски, Серафим Серафимовски, Сашо Андонов, Димитар Тодоровски, Румен Ќамилов и Слободан Ѓорѓевиќ.

 

За подвигот од 10 мај 1989 година, Димитар Илиевски-Мурато посмртно е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, од Македонскиот олимписки комитет (МОК) е прогласен за „Великан на спортот“, а е добитник и на други награди и признанија.

Во негова чест на Пелистер и на Хималаите е подигнато спомен-обележје.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien