ВИДЕО – Новинарите во „Визија“ немаат земено 9 месеци плата, поднесоа кривични пријави и против претходниот и против сегашниот сопственик

Новинарите од прилепската телевизија Канал Визија од понеделникот не ги покриваат дневните настани и на телевизијата се објавуваат само кратки технички информации. Причина за ова е што тие немаат земено плата веќе 9 месеци и не им се платени придонесите за пензинско и здравствено осигурување.

 

 

„Започнавме со емитување на кратки вести на нашата информативна програма. Оди една информација во тие кратки технички вести за случувањата во нашата информативна куќа. Зазедовме став како редакција на Канал Визија да не ги покриваме дневните настани, односно новинарите и камерманите од телевизијата не излегуваат на настаните. Тоа е она почетно што како став го изградивме. Овој изнуден чекор, оваа одлука на која што се решивме е последица на тоа што вработените во Канал Визија веќе подолг временски период, еве 9 месеци немаат примено личен доход, не им се платени придонесите за пензиско и здравствено осигурување, а на ангажираните со договор на дело исто така не им се исплатени договорените надоместоци“, истакна Пеце Димоски, главен и одговорен уредник во Канал Визија.

 

Нивниот правен застапник, адвокатот Жаре Стеваноски на денешната прес конференција истакна дека од увидот во онаа сметководствена и книговодствена евиденција која му била ставена на увид се утврдиле злоупотреби во текот на постапката за пренос на уделите од поранешните сопственици на актуелниот сопственик.

 

„Постојат повеќе елементи на кривично дело „даночно затајување“ од поголем обем, а исто така се утврди дека во текот на превземањето на уделите вршена е злоупотреба, односно превземани се измамнички дејствија од страна на актуелниот сопственик во поглед на обврските кои ги превзел со договорот за превземање на уделот на оваа телевизија. До ОЈО е поднесена кривична пријава за неколку кривични дела. Меѓу другото битно е да се потенцира дека со кривичната пријава се предлага јавниот обвинител од судија на претходна постапка при Основен суд Прилеп, да побара мерка за обезбедување на побарувањата на вработените и на таков начин нивните побарувања пред сите останати да бидат надмирени, од причини што движечката машинерија на оваа телевизија сепак се тие. Се работи за три кривични дела, „даночно затајување“, „повреда на право од вработен однос“ и „измама“, и по изнаоѓање на јавниот обвинител нормално и за други кривични дела за кои тој ќе утврди одговорност. Сеуште се врши економско вештачење по однос на висината на нивните побарувања и тоа дополнително ќе можеме да го констатираме со точна бројка, но сепак се работи за прилично поголем износ кој од прилика изнесува во висина на вредноста на реалните удели во телевизијата“, истакна Стеваноски.

 

Кривични пријави биле поденсени и против  сегашниот сопственик, но и против поранешниот. Телевизијата си ги сервисирала сите побарувања кои ги имаат трети лица, имала доволно финансиски средства, само не се исплаќале платите на вработените.

 

„Актуелниот сопственик, односно полномошник на правниот субјект кој го поседува уделот е Давор Настевски, кој настапувал цело време како полномошник на правниот субјект, сопственик на 51% од уделот на телевизијата. Кривичната пријава е поднесена и против поранешниот сопственик и против актуелниот сопственик како правно лице, и физичкото лице кое настапува како полномошник. Актуелниот сопственик е Фин инвест дооел Скопје, негов полномошник е Давор Настевски, и Бранкица Мавчева, како сопственик од остатокот од уделот на телевијата. За другите обврски на телевизијата, преку овие дејствија на пријавените, мислам дека нема проблем околу нивно сервисирање, единствено има проблем околу подмирување на барањата на вработените. Телевизијата има доволно прилив за да ги обезбеди сите побарувања од трети лица, со исклучок на нивните како побарувања од вработен однос. Со приливот моментално располага сопственикот, така да тие средства се насочуваат за се, освен за побарувањата на вработените“, додаде Стеваноски.

 

Стеваноски ги советува вработените да побараат извршување врз уделите на телевизијата и на таков начин да станат сопственици на соодветни делови, во зависност од висината на нивните побарувања. На таков начин тие ќе се ослободеле и од притисокот без разлика дали тој би бил во политичка форма или поинаков.

 

„Ние ќе ги следиме упатите од нашиот правен застапник, сите заедно сме во очекување на потегот што ќе го повлече, на одлуката што ќе ја донесе ОЈО. Од таа одлука, но и од одлуката на судијата на претходна постапка ќе зависат нашите следни чекори кои ќе ги преземеме. Најдоцна до крајот на наредната недела, до одлука на ОЈО и судот, ќе одиме во овој формат, на куси технички вести. Се надеваме дека ќе има слух и обвинителството. Нашиот интерес е да продолжиме со работа, со објективно информирање на јавноста. Прилеп, град со 60-70 илјади жители, во 21 век е срамота да остане без телевизија. Ако на градот не му треба телевизија, тогаш нека им служи на чест на сите“, потенцираше главниот уредник Димоски.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи