ВИДЕО – Тркља : Општината нечовечки и без никаков налог ми го собра целиот инвентар поради долг од 89.000 денари, кој веќе половина го платив

Комуналните инспектори од Општина Прилеп утрово го зеле целиот инвентар од угостителскиот објект „The Gallery House Pub“, без никакво предупредување или налог. Со вакви обвинувања денеска излезе сопственикот Бисерко Тркља, кој призна дека имал долг кон општината од 89.000 денари, но по претходен договор со инспекторите утринава уплатил 40.000 денари.

 

 

„Бевме договорени утрово да ги уплатам парите во банка и тоа и го направив, пред да дојдат тие. Чекав во Општина за да ме прими некој, им заѕвонив буквално на сите, имам дури и порака од градоначалникот и инспекторите. Во меѓувреме ми се јавија вработениве од пабов да дојдам, бидејќи се дојдени 3 полицајци, 10 комуналци и 2 трактори за да ги кренат работиве. Кога дојдов, им ја покажав уплатницава, но ми рекоа дури не им кажи некој од горе да запрат, тоа нема да се случи. Јас повторно појдов во Општина за да се слушнам со градоначалникот, со било кој надлежен, буквално никој, ниту градоначалникот, никој не сакаше да ме прими. Кажано им е што се случува во моментов, дека е уплатено, дека нема потреба од такви работи, дека треба и тие да имаат малку разбирање бидејќи имав пожар и штета од преку 100.000 евра, дека не можев сите обврски да ги измирам навреме и буквално дојдоа и се собраа овде. Јас немам ниту било каков извештај што ми е собрано, ниту ми покажаа некој документ, налог, дека тоа може да го прават. Јас мислев дека пред тоа на вработениве им имаат покажано, бидејќи јас не бев тука, бев во Општина да им ја покажам уплатницава. После ми кажаа дека сите работи ги собрале без опомена, налог или било што, дека нештото можат да го прават“, истакна Тркља.

 

 

Тркља обвинува дека ова што го наравила општината не било човечки затоа што тој 11 години користел летни бавча и за 11 години немал никаков долг кон општината.

 

„Можеа барем на писмено да ми достават нешто, можеа да ме викнат да се договориме, тие не сакаа воопшто ни да ме слушнат, па ниту јас да појдам за да се слушниме. На градоначалникот му ѕвонев 10 пати, не ми крева, сакав да појдам таму, но не ме примија под изговор дека не е тука, но сите овде ми кажаа дека негов е налогот за кревањето на масите и столиците. Тие не утврдија ниту колкава е вредноста на масите и столиците што ми ги кренаа овде, дали сето тоа кошта 40.000 колку што сум борч, или 100.000 денари или 100.000 евра, значи јас немам ни попис, ниту дошол некој проценител, стварно немам ништо. Дојдоа сабајле, ги качија в трактор и си заминаа“, додаде Тркља.

 

Не знаел дали зад сето ова има некоја друга позадина.

 

„И за пожарот кога беше тогаш не ми ја даваа летнава бавча да ја работам. Ми лепеа налепници, овде на истава бавча. Значи стварно јас не знам дали има некоја позадина или не, сите гледате како симптоматично некои работи си одат. Да не сум уплатил утрово или 11 години да не сум плаќал летна бавча, тоа би било во ред, но за 4 месеци што сум закаснил да ти соберат инвентар од 20-30.000 евра е целосно нелогично. И да ме остават и мене и 10 вработени без леб“, потенцира Тркља.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.