Елон Маск: Бидете подготвени за вселенски интернет

Кога се работи за Спејс Екс, на изненадувањата никогаш им нема крај. Извршниот директор на компанијата, Елон Маск, ги претстави првите сателити дизајнирани да обезбедат интернет покриеност од вселената. Тие се подготвени за лансирање и откако ќе полетаат во надвор од Земјината атмосфера, ќе емитуваат „вселенски интернет“, вели Маск.

 

Шеесет сателити ќе полетаат кон вселената заедно со ракетата Фалкон 9 на компанијата Спејс Екс. Нивното лансирање е закажано за 15 мај, а тие ќе полетаат од космодромот во Кејп Канаверал (Флорида), како дел од проектот наречен Старлинк.

 


 

Ако мисијата се покаже како успешна, овие шест сателити ќе бидат само почетокот на проектот со кој е предвидено создавање на „соѕвездие“ од скоро 12.000 сателити кои ќе орбитираат околу Земјата и ќе обезбедат интернет за целата планета.

 

„Веројатно многу работи ќе тргнат наопаку на првата мисија. Исто така, потребни се уште шест лансирања со 60 сателити за мала покриеност, а 12 за пристојна покриеност“, напиша Маск на неговиот Твитер профил.

 

Спејс Екс минатата година лансираше два сателити наречени ТинТин A и ТинТин B, но тие нема да бидат дел од конечното „соѕвездие“. Успехот забележан со лансирањето на двата ТинТин сателити беше доволно за да ја убеди Федералната комисија за комуникации да го одобри проектот Старлинк.

 

Покрај Спејс Екс, и компанијата Блу Ориџин работи на сличен проект за испраќање на интернет сателити во вселената. Основачот на Амазон и Блу Ориџин, Џеф Безос најави дека има намера да лансира околу 3.000 сателити кои ќе орбитираат над Земјината атмосфера и ќе обезбедуваат интернет покриеност на ист начин како сателитите на Спејс Екс.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи