ВИДЕО – Прилепчаните Илиоски и Мојсоски за 5 дена планираат со велосипеди да поминат 800 км. од Прилеп до Истанбул

Двајцата членови на прилепското здружение Маркови точакџии, Филип Илиоски и Христијан Мојсоски, пред себе поставија еден навистина голем подвиг, кој планираат да го реализираат следниот викенд, доколку тоа го дозволат временските услови. Имено, станува збор дека со нивните велосипеди планираат да поминат околу 800 километри, тргнувајќи од Прилеп, па се до Истамбул. Екипата на Инфо Компас поразговара со нив околу оваа нивна најнова идеја и околу развојот на велосипедизмот кај нас.

 

 

Филип имате навистина еден голем подвиг кој планирате да го реализирате сабота или недела, нормално доколку тоа го дозволи времето. Како дојдовте до идеја за една ваква тура која што е долга 800 километри?

 

Идејата некако дојде сама по себе, спонтано, иако како главен предизвик и причина ни беше некако затоа што се поминува преку Босфорот на другиот континент, односно во Азија. Тоа беше некој главен предизвик и идеа, иако сеуште немавме дефинирано, па ете одлучивме да биде малку поразлично од другиве тури.

 

Колку време се занимавате со велосипедизам?

 

Со велосипедизам се занимавам активно околу 10 години, иако возам многу години, од рана возраст, но активно вака поголеми тури, исто така и со планински велосипедизам се занимавам едно 10-тина години.

 

Дали ова ќе биде вашата најголема тура која што досега сте ја извозиле?

 

Оваа ќе биде најголема, планираме да биде околу 800 километри, иако лани извозивме 650 километри до Калитеа, ова е сепак малку поголем предизвик.

 

 

 

 

Христијан како што кажавме сабота или недела го започнувате вашиот голем подвиг. Одите преку Грција или преку Бугарија, каде ќе биде вашата рута, дали имате направено план?

 

Да, имаме точно испланирано, нашата рута ќе биде преку Грција. Значи првиот ден спиеме кај реката Струма, пред Серес. Вториот ден одиме кон Кавала, таму исто ќе спиеме. Трет ден планираме да одиме до Александрополис, тоа е некаде околу 50 километри пред турската граница. Четвртиот ден планираме да извозиме до Текирдак, некаде 150 километри до Истамбул и таму да преспиеме. Петтиот ден да се качиме на Босфорот, т.е. да пристигнеме во Истамбул.

 

Дали планирате да спиете во хотели или во шатори?

 

За време на патувањето планираме да спиеме во шатори, а во Истамбул во хотел.

 

 

 

 

 

 

Ова не е ваша прва тура?

 

Не е прва, имаме и други поголеми, како што беше лани најголемата тура од 324 километри низ Источна Македонија, Прилеп – Штип – Струмица – Прилеп. Таа дестинација ја поминавме за 19 часа.

 

Филип дали е безбедно да се вози толкава дестинација со велосипедите?

 

Треба да се внимава, треба голема внимателност, иако во последно време во подем е велосипедизмот и мислам дека се обрнува поголемо влијание, иако сеуште е на многу ниско ниво сообраќајната култура кај нас и многу малку внимаваат другите учесници, но се бориме да биде подобро.

 

Зад нас се наоѓаат велосипедите со кои што ќе го изведите овој подвиг. Каква опрема поседуваат тие?

 

Поседуваат доста солидна опрема, затоа што на ваква голема тура, на ваков подвиг, сепак не може да се појди со аматерска. Не е најпрофесионална, но сепак е задоволителна за овие услови и нашите потреби.

 

Дали имате спонзори?

 

Имаме спонзори, да,  неколку спонзори, и тука можам да ги спомнам. Голема благодарност до ОМР Прилеп, автоделови Матадор, менувачница ЦЕМАК, црквата Свети Кирил и Методиј и Реалност 06.

 

Христијан во последно време во Македонија велосипедизмот добива се повеќе на популарност. Зошто е тоа така, дали тоа е некаков тренд кој ќе спласне со текот на времето или здравиот начин на живот почнува да биде популарен кај младите, но и кај постарата генерација?

 

Јас мислам дека најзаслужни за тоа се нашите колеги претседатели на другите здруженија кои ги организираат велосипедските тури, планински велосипедски тури, каде има многу дружење, се запознаваат нови луѓе, малку надвор од секојдневието  и затоа е како тренд и мислам дека нема да згасни, затоа што во цел свет е така и би требало и кај нас да биде.

 

 

Претходно спомнавте дека имате повеќе тури направено, која ви е најинтересна што ви оставила најголем впечаток?

 

Па Кајмакчалан и Пелистер до Антена, не може да се направи некоја разлика меѓу нив затоа што се исто интересни, исто возбудливи, исто тешки. Возбудата е повеќе на слегувањето.

 

Дали планирате организирање на некаква тура кај нас тука во Прилеп?

 

Да планираме велосипедско-планинарска тура да организираме следната година, за дополнителни информации понатаму.

 

Филип вие сте младо здружение, до каде е регистрацијата на Маркови точакџии?

 

Во тек е, во процедура е регистрацијата. Точно е дека е младо здружение, неколку месеци, но се трудиме да биде подобро, доста добро напредуваме и мислам дека ќе имаме успех. За кратко време, како што кажа Христијан сакаме да организираме и ќе организираме велосипедска тура и мислам дека ќе функционира добро. Многу членови имаме, можеби околу 200, но активни членови кои доста возиме активно заедно се околу 15.

 

Редакцијата на Инфо Компас ќе ги следи во текот на нивниот подвиг и ќе објавува секојдневни информации до каде се стигнати во нивната намера да ги поминат тие 800 километри.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи