ЈКП „Водовод и канализација“: Менаџирањето на Јанески е со позитивни резултати – сите напади паѓаат во вода

ЈКП „Водовод и канализација“ категорично ги демантира наводите од денешната прес конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ –Прилеп упатени на адреса на претпријатието и директорот Емил Јанески, стои во реакцијата на ова јавно претпријатие.

 

Реакцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Јавноста има право на точна и објективна информација, наместо ширење на дезинформации, невистини, навреди и клевети за што ќе биде поведена и судска постапка за клевета.

 

Имено, ЈКП „Водовод и канализација“ е претпријатие коешто бележи позитивни финансиски резултати во својата работа секој месец од доаѓање на новата локална власт. Конкретно за првиот квартал од годинава, од околу 400.000 денари средства за репрезентација, за угостителски услуги се потрошени 40.000 денари, што во просек значи по 13.300 денари за секој од споменатите 3 месеци, меѓу нив и пари за сендвичи на работниците кои работат прекувремено. За изработка на рекламниот новогодишен материјал се потрошени 100.000 денари, а останатите средства се трошоци за „Водици“ – празникот на сите водостопански претпријатија, потоа празнувања на Денот на жената и други поводи, за што претходно се донесени одлуки на Управен одбор на јавното претпријатие.

 

Директорот Емил Јанески  не раководи со претпријатието самоволно, туку во рамки на законските надлежности и обврски, а позитивните ефекти се видливи, и бенефитите се ефектуираат од домаќинствата корисници на услугите на ЈКП „ВиК“.

 

Конкретно со менаџирањето на Јанески:

 

– Ставена е во функција Пречистителната станица,

– До јуни ќе биде имплементиран проектот Географско информатички систем (ГИС), што значи на располагање се инсталации за подземен катастар, куќни инсталации, функционални модули за детекција на дефекти на терен и други бенефити на градот,

– Набавена е современа опрема-корелатор и геофон за детекција на загуби на вода во системот,

– Набавена е камера за детекција на девијации на канализационата мрежа и друга опрема.

 

Со една реченица, ЈКП „ВИК“ со Јанески е финансиски консолидирано претпријатие со исклучителни позитивни резултати, со планирани инвестициони проекти и циклуси, претпријатие кое што е сервис на потребите на граѓани и за квалитетно водоснабдување и за еколошки третман на отпадните води.

 

Секој обид за атак на менаџирањето на Јанески, пропаѓа во вода, кога се имаат во вид овие позитивни показатели.

 

Јасно е дека ОК на ВМРО-ДПМНЕ има само огромна желба во дневно-политички цели да креира флоскули, кои што се одлика на работата на кадрите од оваа партија, кои што токму поради криминалното, расипничко, деструктивно, недомаќинско работење и крчмење на јавните претпријатија, имотот и народните пари, ја изгубија довербата од граѓаните.

 

Сугерираме конструктивни и реални критики на опозицијата и амбициозните политичари, а не непромислени потези кои немаат здив, ниту во дневно-политичките ефтини пресметки како оваа“, стои во реакцијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien