Втората најмала држава на светот по Ватикан и најмала држава во Западна Европа е позната и како игралиште за ултрабогаташи. Станува збор за Монако. Од 38.300 луѓе, колку што живеат во Монако, 12.261 се милионери, покажува извештајот на „Најт Френк“.
Тоа значи дека околу 32 отсто од жителите на Монако се милионери.
Освен концентрацијата на богатство, тука е и фактот дека во Монако практично нема сиромаштија.
„Владата ја реинвестира заработката од туризмот и од другите капитални добивки назад во заедницата за да го подобри квалитетот на животот и да ги привлече богаташите да продолжат да одат таму и да купуваат недвижности“, истакнува Карин Адамс од „Борген проект“, непрофитна организација чија мисија е да се бори против глобалната сиромаштија.
Голем број туристи се привлечени од коцкарниците, кои се главен извор на приходи. Државата не им собира данок на приходи, поради што во Монако се доселуваат голем број луѓе кои настојуваат да го избегнат оданочувањето во матичните држави.
Од друга страна, во Монако владее средоземна клима со благи зими и топли, но не жешки лета, што дополнително го прави примамлива дестинација за ултрабогаташите.
Становите во Монако чинат од 2,2 до 22,3 милиона долари, додека пентхаусите чинат и до 55 милиони долари, а за мал еднособен стан треба да издвоите 1,6 милион долари.