ВИДЕО – Ново одложување на пуштањето во употреба на автопатот Миладиновци-Штип, доцни и изградбата на Прилеп-Градско

И покрај најавите и оваа недела автопатот Миладиновци – Штип не се пушти во употреба. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска со ново ветување дека автопатот ќе биде пуштен за неколку дена. Отворањето на оваа делница неколку пати досега беше одложувано, а според првичната проекција, тој требаше да биде готов уште пред две години.

 

 

„Да точно е кажав во изјавата дека ќе се пушти оваа недела, сакам да посочам дека овие денови тој ќе биде пуштен во употреба, да не фиксираме датум, ама овие денови“, истакна Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

 

Освен пуштањето на автопатот Миладиновци–Штип доцни и изградбата на експресниот пат Прилеп-Градско кој се гради во 2 фази, од Фариш до Дреново и од Градско до Дреново.

 

„Се работи од Градско до Дреново каде се работи на решавање на проблеми со ХЕЦ Тиквеш каде што мораше да отстраниме 11 водоводни цевки, а не 2 како што беше во проектот. Меѓутоа се отстрануваат тие работи, се работи со посериозна динамика. Додека во делот на Фаришката клисура се надминаа проблемите, се работи, сега како што сум информиран ќе има припрема за поставување на мостовите“, додаде Сугарески.

 

Делот со Фаришката клисура се очекувал да биде готов идната година, а годинава ќе се распишел тендер и за третата делница од овој експресен пат, Прилеп-Ленишка река како и за дел од трета лента на преминот Плетвар.

 

Според Сугарески освен овој пат во Пелагонија се работело и на проектирање на автопат Прилеп-Битола, и на експресниот пат Битола-Меџитлија, додека постоечкиот пат од Битола до граница ќе се реконструирал. А ќе се реконструирале и патиштата Крушево-Кривогаштани и Крушево-Демир Хисар. За тоа дали ќе биде сменет Сугарески остава на премиерот.

 

„Можеби од моја страна доаѓа невоспитано да одговарам дали сум или не сум задоволен од мојата работа, сметам дека премиерот на оваа држава има направено добра и комплетна анализа за тоа што треба да се случува во наредните 10-тина дена“, потенцираше Сугарески.

 

Сугарески денеска изврши увид во реконструкцијата на патот Прилеп-Вештачко езеро, во должина од 4,2 км, инвестиција од 520.000 евра на ЈПДП.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien