ВИДЕО – Ракометните ветерани бараат поголема поддршка за овој спорт од државата и бизнис секторот – ракометот во Прилеп сега е на колена

Викендов во Прилеп за прв во Македонија се одржа ракометен турнир на ветерани и ветеранки кој беше посветен на нашите големи ракометни легенди, Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара, кои починаа минатата година. Организатор на турнирот е здружението „Млади ракометни ветерани Прилеп“.На турнирот играа 13 екипи, од кои 8 машки и 5 женски, а имаше гости и од соседните држави. Публиката имаше можност да види многу македонски ракометни легенди и да ужива во еден вистински ракометен спектакл.

 

 

„Ние како здружение на млади ракометни ветерани сакавме да го пренесеме нашето знаење и познавање од овој тип на турнири кои се непознати за прилепската, па и за македонската јавност. Овие турнири се одржуваат најчесто со време траење од по 3 или 4 денови. Имаме присуствувано на вакви турнири во неколу држави на Балканот, како на турнирот во Тузла, Словенија, Хрватска, Србија, така што сакавме да го пренесеме нашето знаење за одржувањето на ваков вид на турнири, а сето тоа го правиме  во чест на нашите спортски великани Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара. Се надеваме дека овој прв ваков меморијален турнир во иднина ќе прерасне и во традиционален“, истакна Рубин Лашкоски, организатор на турнирот.

 

Една од основните цели на турнирот беше и промоција на ракометот кај младите. Ракометните ветерани се согласни дека вакви турнири треба да има многу повеќе за овој наш национален спорт застане на здрави нозе во сите градови.

 

„Ова е добар повод да се промовира ракометот кој во Прилеп веќе изумира во последните неколку години, но штета е што се промовира на вакви меморијални турнири, но и за поздравување е да се оддаде почит на врвните легенди, виртуозиите на ракометот Таста и Лара. Мислам дека во иднина освен ваквите мероријални турнирии треба да зажиивеат и другите турнири кои ќе придонесат младите да се привлечат за ракометната игра и ракометот да се врати на она ниво кое Прилеп го заслужува“, истакна Димитар Богдан, ракометен ветеран.

 

„Добро е што се направи ваков добар турнир за да може во Прилеп да се промовира ракометот. Треба и бизнис секторот и градот да застанат зад вакви иницијативи за да може овој турнир да прерасне во уште поголем, каков и што е, меѓународен турнир. Мислам дека добро е да се потсетиме на Таста и Лара но и да го промовираме ракометот во Прилеп и да се дружиме“, кажа Орде Илиоски, ракометен ветеран.

 

„Ова е еден прв чекор кој се надевам дека ќе прерасне во традиција и вакви турнири на ветерани недостигаат барем уште  3-4 на ниво на држава. Знаеме дека Ова е перфектно нешто, дружење на играчи од Македонија и странство. Срцето ми се наполна со толку многу екипи и познати фаци кои некогаш значеле во бивша Југославија така што се надевам дека оваа традиција ќе продолжи“, истакна Наумче Мојсоски, млад ракометен ветеран.

 

Тука секако беше женската екипа на некогашен Тутунски Прилеп која постигна огромни успеси со помош на овие двајца тренери Таста и Лара.

 

„Со нив го освоивме и најголемиот успех кој го освои екипата на Тутунски комбинат Прилеп, а тоа е влезот во тогашната висока ЈУ втора лига. Така што навистина ни е голема чест што денеска се организира овој турнир. Тука се собравме скоро сите девојките од тој тим на Тутунски кои дојдовме тука од сите градови на Македонија“, додаде Елизабета Филипоска, ветеранка на Тутунски Прилеп.

 

„Благодарение на нив успеавме и во ракометот и во животот воопшто можам да кажам со најголем пиетет дека беа луѓе кои заслужуваат најголема почит, затоа што кон нас тогаш не се однесуваа само како тренери, што подразбира дисциплина и строгост, туку се однесуваа и како втории родители“, потенцираше Гордана Цветаноска, ветеранка на Тутунски Прилеп.

 

Но за жал ракометот во Прилеп е на колена, не остана ништо од овие времиња кога прилепчани со гордост раскажуваа за овој спорт. Бараат државата но и бизнис секторот многу повеќе да се вклучат во финансирањето на ракометните клубови низ цела Македонија.

 

„Треба да се исполнат голем број на услови па да се врати ракометот. Еден од приоритетите е да се има сала. Прилеп има 2 големи сали, но и двете не се функционални“, рече Елизабета Филипоска, ветеранка на Тутунски Прилеп.

 

„За целата оваа работа потребна е стабилна финансиска конструкција. Проблем ни е тоа што имаме инстант клубови, тука го губиме својот идентитет затоа што некое дете ќе започне со ракомет и кога ќе види со какви проблеми се соочува првата екипа на тој клуб и веднаш се откажуваат. Не треба да има некои високи буџети туку тие да бидат постојани“, изјави Бранко Ангелоски, млад ракометен ветеран.

 

„Ракометот ни е спорт број 1, да не речам национален спорт. Треба повеќе да се вложува Гледаме дека ако не дојде некој странски инвеститор ние сме на маргините на преживување. Така што се надевам декас сега со овие новите закони со ваучерите коии ќе следат дека ќе се подобри сликата со ракометот кој треба да застане на едно повисоко ниво кое за жал го нема. Веќе децата и на надворешните игралишта започнаа да играат ракомет, дај да ги поддржиме да да вложиме во овој спорт бидејќи дефинитивно сме нација на ракометот“, додаде Наумче Мојсоски, млад ракометен ветеран.

 

Победник на турнирот во машка конкуренција беше репрезентацијата на Македонија млади ветерани, а во женска некогашната екипа на Тутунски Комбинат Прилеп.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien