„Вечери во чест на Васил Иљоски“ во Крушево – Промовирана брошура, доделени награди и неколку драмски претстави

Викендот што измина, на 31-ви мај и 1-ви јуни, се одржа драмскиот фестивал „Вечери на Васил Иљоски“ со промоција на брошурата „Крушевчанецот Васил Иљоски“, наградување на 3 најдобри есеи за животот и делото на авторот и настап на учениците од СОУ „Наум Наумовски Борче“ и НУ Народен театар – Битола.

 

На настанот, како и минатата година, присуствуваше и правнуката на Васил Иљоски Иванка Иванова која се заблагодари за организацијата на овој настан и испрати пораки за љубов, поддршка и разбирање. На отворањето на настанот се обрати градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

 

„Втора година по ред работиме на овој настан и тој станува се популарен, а на пат сме да ја исполниме нашата цел – повторно да го воздигнеме името на Васил Иљоски и да дадеме значење на неговата вредност како есеист, книжевник и работник за Крушево. Васил Иљоски е уште еден крушевчанец кој вечно ќе го претставува нашиот град, нашата општина и неговите лик и дело ќе зборуваат за разноликиот потенцијал кој Крушево го има.“, рече градоначалникот на општина Крушево.

 

Дипломи како победници на конкурсот за најдобар есеј, добија Марија Петроска, Петрина Станковска и Марија Стојаноска, а локалната самоуправа ќе доделела и парични награди за овие најдобри ученички.

 

Директорката на СОУ „Наум Наумовски Борче“, кое е дел од организацијата на фестивалот, во своето обраќање се заблагодари на присутните, учениците и внуката на Васил Иљоски за присуството.

 

„Велам големо „благодарам“ затоа што вашето присуство за мене значи: почит кон нашите напори да го направиме животот побогат, значи желба за соработка во интерес на промоцијата на делата на нашите предци, значи потврда дека нашата идеја е, благо речено, добра идеја.“, порача директорката Миленковска.

 

Професорот од средното училиште во Крушево ја промовираше брошурата „Крушевчанецот Васил Иљоски“ и претстави изложба со драмските претстави изведувани по темите на кои работел крушевскиот книжевник.

 

Вториот ден од манифестацијата се одржа во дом на култура „Наум Наумовски Борче“ со претставата „Последната ноќ“ на НУ Народен театар – Битола.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien