ОН: 26.000 години живот биле загубени во последнава деценија на Балканот поради загаденоста на воздухот

Жителите на целиот Западен Балкан страдаат од намален животен век поради „алармантните нивоа загаденост на воздухот“, вели извештај на Обединетите нации. Во седум од проучуваните градови, загадувањето на воздухот е одговорно за најмалку 15% од предвремените умирања, а во Тетово дури за 19%.

 

Извештајот, објавен од Програмата на ОН за животна средина, е подготвен во соработка со Светската здравствена организација и институциите за контрола на квалитетот на воздухот во Македонија, Албанија, Босна, Косово, Црна Гора и Србија. Тој е базиран на податоци собрани од најмалку 274 дена годишно, а ги вклучува градовите Корча, Бања Лука, Брод, Приједор, Сараево, Тузла, Зеница, Бар, Никшиќ, Плевља, Подгорица, Тиват, Битола, Скопје, Тетово, Белград и Панчево.

 

Според извештајот на ОН и СЗО, градовите во Македонија, Босна и Србија се рангирани како некои од најлошите во Европа.

 

„Населението е изложено на некои од највисоките концентрации на загадување на воздухот во Европа, кои се пет пати повисоки од препорачаните национални и европски нивоа“, се вели во извештајот, во кој како најголема причина за загадениот воздух се наведува недостигот од пристап до модерните обновливи извори на енергија.

 

Во анализираните 18 големи града, во извештајот се вели дека загадувањето на воздухот предизвикува значителен број предвремени умирања. Во просек, се вели, 26.000 години живот биле загубени во последнава деценија поради загаденоста на воздухот. Сите овие умирања се случиле пред возраст од 65 години.

 

„Загадувањето на воздухот во градовите од Западен Балкан предизвикува помеѓу 15 и 19 отсто од вкупната смртност и го намалува очекуваниот животен век за 1,1 до 1,3 година“, се вели во извештајот.

 

„Во Северна Македонија, енергетската индустрија (производство на електрична енергија и топлина – ТЕ Битола и Осломеј) е одговорна за скоро сите емисии на SO2 (91 процент). Производствениот сектор придонесува за 11 проценти од вкупните емисии. Главните извори на емисии на азотни оксиди се транспортната и енергетската индустрија (производство на електрична енергија и топлина), кои придонесуваат со 31% и 41% во вкупните национални емисии, додека производствениот сектор учествува со 20 отсто. Главните извори од емисиите на ПМ10 во Северна Македонија се греењето на станбени објекти (46 проценти), индустриските процеси (главно производство на феролегури) (22 проценти) и производството на енергија (11 проценти) – Скопје, Тетово, Битола и Велес. Слично на тоа, главни извори на емисии на ПМ2,5 се греењето на станбените објекти (58 проценти), индустриските процеси (главно производство на феролегури) (20 проценти) и производството на енергија (6 проценти) (МЖСПП, 2008).“

 

Петнаесетте активни електрани на јаглен, некои од нив застарени, во пет западнобалкански земји, пумпаат значителни количества сулфур диоксид, азот оксид и прашина или честички во воздухот. Исто така, дури 88% од 7,3-те милиони згради во регионот користат децентрализирани системи за греење, кои неефикасно ја користат енергијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien